Ненадејно почина руски генерал, кој бил клучен сведок во познатиот корупциски скандал во Кремљ. Станува збор за Магомед Хандаев (61) познат уште и како Генералот на рускиот претседател Владимир Путин, кој бил клучен сведок во големиот корупциски скандал што го зафати руското Министерство за одбрана. Неговото тело е пренесено од Москва во неговиот роден Дагестан каде треба да биде погребан. Приведени се и поранешните соработници на Хандаев.
Тој беше началник на Дирекцијата за државни експертизи на руското Министерство за одбрана. Беше подреден на заменик министерот за одбрана Тимур Иванов (48), кој беше уапсен под сомнение за корупциски шеми вредни 9 милиони фунти и останува во притвор. Хандаев се сметаше за важен сведок во корупцискиот скандал што го погоди Министерството за одбрана. Неговата смрт е последната во низата необјаснети смртни случаи на водечки руски личности од почетокот на војната во Украина.
Претходно беше генерален директор на Главната дирекција за специјална градба. Имал голем број државни одликувања, меѓу кои и Орденот на Александар Невски. Новинската агенција „Компромат груп“ објави дека Хандаев имал „блиски врски со високи функционери чии активности неодамна го привлекле вниманието на агенциите за спроведување на законот“. Откако почна руската инвазија на Украина пред повеќе од две години, повеќе критичари на Путин починаа под сомнителни околности.