Во невремето во северна Индија загинаа најмалку 36 луѓе во изминатите 24 часа, вклучително и 12 кои биле погодени од гром, соопштија денеска официјални лица и предупредија дека се очекуваат нови поројни дождови во наредните денови.
Во северната држава Утар Прадеш, 24 луѓе загинаа кога нивните домови се урнаа поради постојаните дождови, изјави комесарот за помош Ранвер Прасад.
Петнаесетгодишно момче било на покривот на куќата на својот пријател во Прајаграј кога синоќа удрил гром и го усмртил на лице место, додека неговиот пријател бил повреден и пренесен во болница.
Според официјални лица, 39 луѓе загинале од громови во последните пет дена во државата, поради што владата издаде нови упатства како да се заштитат луѓето за време на невремето.
Громовите се вообичаени за време на сезоната на монсуните која трае од јуни до септември.
Експертите велат дека уништувањето на шумите, губењето на водните површини и загадувањето придонесуваат за климатските промени што доведуваат до повеќе грмотевици.
Глобалното затоплување исто така ги зачести громовите, рече Сунита Нараин, директор на Центарот за наука и животна средина. Зголемувањето на температурата за еден степен Целзиусов ги зачести ударите од гром за 12 пати.
Во изминатата година бројот на удари од гром во Индија се зголеми за 34 отсто, а тоа влијаеше и на зголемување на бројот на жртвите. Индија регистрира 1.489 смртни случаи поради удари од гром во 2016 година, а тој број се зголеми на 2.869 во 2021 година.