На денешната владина седница се усвоени предложените нови мерки за поддршка на земјоделците, информираше министерот Љупчо Николовски на прес-конференцијата што се одржа во просториите на МЗШВ.
Покрај новата мерка со која се предвидуваат дополнителни 140 милиони денари за финансиска поддршка на млекопроизводителите по литар произведено и предадено кравјо, козјо и овчо млеко во домашните капацитети за период од 1 октомври 2021 до 30 септември 2022 година, усвоена е и новата програма за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје.
„Дополнително на денешната седница Владата ја усвои новата програма што се носи за првпат, за поттикнување на потрошувачката на свежо овошје во 2022 година. За реализација на оваа програма со ребаланс на буџетот беа обезбедени 20 милиони денари. Станува збор за нова програма со којашто се овозможува финансиска поддршка за откуп, дистрибуција и пакување на јаболка од реколтата 2020 година, а целата откупена количина на јаболка ќе треба да биде дистрибуирана до општинските и државни основни училишта најдоцна до 15 декември 2022 година. Со овие мерки ги потпомагаме производителите на јаболка и овозможуваме свежа и здрава ужина за нашите деца во основните училишта. Преку оваа програма ќе бидат опфатени околу 186.000 ученици во 350 основни училишта.
Домашни јаболка, македонски јаболка за нашите дечиња во сите овие 350 училишта“, изјави министерот Николовски.