Делегација на ЈУНП “Маврово” предводена од директорот на паркот Самир Ајдини деновиве присуствуваше на Заедничкиот Управен Комитет на кој учествуваа претставници на институции од 12 европски земји кои се членки на UNESCO World Heritage Sites – Primevil Beech Forests in Europe. Состанокот се одржа во Германија во Бад Вилдунген на територијата на националниот парк Келервард.
Директорот на НП Маврово Самир Ајдини за Либертас изјави дека на средбите беа презентирани разни научни истражувања како и проекти, а особено се воделе дискусии за влијанието на шумските пожари врз заштитените подрачја и се разгледуваа решенија во однос на нивната заштита. Тој рече дека во дискусијата околу македонските национални паркови а особено во НП Маврово е изнесена оценката дека во нив се води особено внимание во однос на заштитата од пожари. Членките на овој комитет се среќаваат најмалку еднаш годишно и носат важни одлуки во однос на прашања кои влијаат на целото “светско наследство”.
Директорот Ајдини истакна дека на овие средби се носат одлуки за одобрување на проширување на светското наследство, потпишување и спроведување на заеднички Декларации, редовно известување до УНЕСКО за состојбата на светското наследство, доставување на информации до УНЕСКО за важни проблеми и сл. Покрај другото овој комитет дефинира и насоки за управување со заедничкото светско наследство, така што управувањето со светското наследство треба да ги исполнува стандардите на УНЕСКО а со тоа истото да се зачува за идните генерации. На овие состаноци се развиваат заеднички стратегии, се дискутираат проблемите и заедно се проценуваат реализираните активности и резултатите од спроведувањето на истите.