Американската потпретседателка Камала Харис денеска ќе ја обиколи демилитаризираната зона што го дели Корејскиот полуостров во рамките на нејзината посета на Јужна Кореја, објави Белата куќа. Посетата укажува на ангажманот на САД против каква било закана од Северна Кореја, соопшти денеска Белата куќа. Таа ќе им оддаде почит на десетици илјади американски и корејски војници кои се бореа заедно за време на Корејската војна, која заврши со примирје и поделба на полуостровот во 1953 година, се додава во соопштението. Посетата на демилитаризираната зона ја налути Северна Кореја, која ја нарече претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, „најлошиот уништувач на меѓународниот мир и стабилност“ по нејзината посета на зоната во август.
Северна Кореја истрела две балистички ракети пред посетата на Камала Харис на Јужна Кореја
Северна Кореја вчера истрела две балистички ракети со краток дострел крај нејзиниот источен брег, соопшти јужнокорејската војска. Пјонгјанг претходно предупреди дека Јужна Кореја и САД ризикуваат да предизвикаат војна со започнување на првите заеднички поморски вежби во последните пет години во близина на полуостровот. Камала Харис претходно во Јапонија присуствуваше на официјалниот погреб на поранешниот американски премиер Шинзо Абе во присуство на стотици други странски претставници. Северна Кореја веќе неколку месеци спроведува серија тестови на оружје во време кога преговорите со меѓународната заедница за нејзината нуклеарна и ракетна програма се во ќорсокак.