Добрите практики во инклузивното истражување со деца и возрасни, жртви на злоупотреба се во фокусот на меѓународниот состанок на Работната Група 3 во рамките на COST Акцијата 19106 – Мултисекторски одговор за злоупотреба и занемарување на децата во Европа: фреквенција и трендови (Euro-CAN).
Како што информираше Марија Рот, една од учесниците, работната Група 3 е научна заедница на европски истражувачи кои заедно работат на зајакнување на гласот на децата во акумулирање на податоци и знаења за злоупотреба и занемарување на деца.
Истражувачите, преку сведоштва на децата жртви и возрасните кои биле жртви на злоупотреба ги споделуваат своите сознанија и искуства и ги збогатуваат нивните научни перспективи кои потоа ќе бидат употребени во конкретни активности.
На состанокот, учесниците споделуваат искуства за примена на различни методи за вклучување на децата во истражувањето на теми како дефинирање на насилството, учество во процесите на донесување одлуки за заштита на децата, евалуација на плановите за детска заштита и политики.
Воедно, групата на истражувачи ќе зборува и за унапредување на методологијата за Делфи студијата за добри пракси во вклучување на младите и возрасните, кои преживеале детска злоупотреба во истражување и креирање политики за детска заштита.
Извршниот директор на Коалиција СЕГА, Зоран Илиевски, посочи дека во нашата држава, најголем предизвик во последно време е кибер насилството, односно врсничкото насилство.
Средбата, што е во организација на Коалиција на младински организации СЕГА, како дел од COST Акцијата, се одржува во хотел Континентал – Скопје.