Општина Центар издаде дозвола за изградба на втората од предвидените три висококатници на просторот спроти „Холидеј ин“, во рамките на комплексот „Гранд“, откако фирмата „МГ Фешн“ пред повеќе од еден месец поднесе барање за градежна дозвола. Градоначалникот Горан Герасимовски тогаш информира дека е намалена катноста на втората кула, која наместо 18 ката, ќе биде 11 и поткровје.
Во врска со дозволата денеска реагираа од иницијативата „Шанса за Центар“, од каде повторно нагласија дека целиот урбанистички план по кој се издаваат дозволите и по кој веќе се гради е незаконски.
Планот во сите параметри го прекршува Генералниот урбанистички план на Скопје, а тоа според Законот за урбанистичко планирање е незаконски и таков план не смее да се спроведува. Но, градоначалникот и Општината остануваат глуви на овие факти! Без разлика што Општината со издавањето на дозволите оди и самата против себе, против сопствените наоди за тоа колку е лош овој план. Овие наоди се прецизно наведени во стручниот елаборат за суспензија изработен од Општина Центар со кој општината бараше да биде суспендиран овој план и да се изработи нов – велат од „Шанса за Центар“.
Оттаму додаваат дека ваквото незаконско постапување го поддржуваат и други институции како Јавното обвинителство кое повеќе од една и пол година не одговара на поднесената иницијатива од Антикорупциската комисија, која пак смета дека има низа на законски прекршувања во начинот и постапката со која е донесен урбанистичкиот план по кој се гради и се издаваат дозволи за овој простор. Обвинителството уште не одговара дали ќе отвори случај.
Општина Центар реагира на објавата на граѓанската иницијатива и советничка група во Советот на општината, Шанса за Центар, која на социјалните мрежи објави дека Општина Центар има издадено одобрение за втора зграда спроти хотелот „Холидеј Ин“ и истото важи за „незаконски план“, вест која беше преземена од неколку медиуми.
За тоа дали одредена постапка е законска или не, надлежен е единствено судот и судските органи. Ниеден суд, ниту истражен орган се нема произнесено дека некој од ДУП-овите е незаконски или дека на било кој начин не смеат да се спроведуваат. Оттаму, законска обврска на општината е да ги спроведува и постапките предвидени со законите за градба.
Ваквите неточни и тенденциозни информации пласирани во јавноста имаат за цел очигледно да наштетат на угледот на општината. Апелираме „Шанса за Центар“ да се воздржат од ваквите постапки и да не ги дезинформираат граѓаните. Општина Центар работи целосно согласно законите како за сите постапки како во урбанизмот, така и во останатите области.