ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ЏАФЕРИ НА ЗАВРШНАТА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЕУ ТВИНИНГ-ПРОЕКТОТ
Тема: „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“
7 октомври 2022
Почитуван, директор на Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија, г. Имер Алиу,
Почитуван директор на Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Хрватска, г. Здравко Вукиќ,
Почитуван Шеф на Делегацијата на Европската унија во Скопје, г. Дејвид Гир,
Почитувани Екселенции,
Претставници на медиумите,
Почитувани присутни,
Дозволете во име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија, и во мое лично име да ве поздравам и да ви честитам на успешно завршениот ЕУ твининг-проект „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“. Задоволство е да се чуе за меѓу-институционалната соработка помеѓу Вашите сродни институции за прашање кое секако ги засегнува подеднакво сите граѓани. Заштитата на приватноста и на личните податоци како темелно право утврдено во Членот 18 од Уставот на Република Северна Македонија претпоставува гаранција на заштитата од повреда на личниот интегритет и заштита и на другите човекови права и фундаментални слободи при собирањето, обработката и употребата на личните податоци. Истите се задолжителен сегмент од секојдневното функционирање на сите институции на централно и на локално ниво, што значи дека треба да се биде особено внимателен при реализацијата на тие процеси. Токму во овој дел, националните органи за заштита на личните податоци, како специјализирани во областа играат исклучително значајна улога. Меѓутоа, за да бидат целосно подготвени и доследни на очекувањата од нив, Агенцијата и се разбира службата која што е движечкиот мотор на Агенцијата, неопходно е да бидат стручно подготвени и законски поткрепени во секој сегмент од своето делување. Така ќе создадат за себе перцепција која ќе влева доверба и во граѓаните во однос на нивната работа. Затоа што, приватноста е света, приватноста е темелно право и потребно е навистина да се води сметка во насока на почитување на истата, а сепак овозможување на нормално функционирање на елементите вклучени во тој процес.
Почитувани присутни,
Важно е да се има предвид дека не се сите граѓани целосно информирани за тоа кои информации се од јавен а кои од приватен карактер. Важно е да се информирани за тоа кои лични податоци смее да им се побараат и кој сѐ смее да им ги побара. Согласно претходно кажаното, јасно е дека треба многу да се работи во насока на едукација на граѓаните за нивните права и обврски и генерално подигнувањето на јавната свест за ова прашање. Јас сум убеден дека на сите нас во одредени моменти, непромислено и без да ги знаеме последиците по нас и по нашата приватност, ни се случува своеволно и без притисок да дадеме значајни податоци, без да размислиме за последиците, само за да го истераме нашето барање докрај.
Затоа е исклучително важно да се следи начинот на нивна обработка и понатамошно процесирање, било да е на доброволна основа или на автоматизиран начин. Појдовна основа треба да биде доследното почитување на Законот за заштита на личните податоци од 2020 година, кој што е усогласен со европската регулатива во областа на заштитата на личните податоци на физички лица во поглед на обработката на нивните лични податоци, слободното движење на таквите податоци и за укинување на Општата регулатива за заштита на податоци. Уште поважно е градењето и зајакнувањето на капацитетите за работа со таквите податоци. Тука мислам на сите засегнати страни како контролори/обработувачи и субјекти на лични податоци. Верувам дека клучните проектни цели за подобрување на заштитата на личните податоци и заштита на приватноста преку изготвените релевантни водичи и процедури и спроведените работилници со вработените се исполнети и во иднина ќе можеме да очекуваме позитивни резултати во оваа чувствителна област. Тоа значи подобра примена на важечките прописи и закон од страна на стручни и подготвени човечки капацитети за спроведување на тие законски одредби.
Почитувани присутни,
Морам да се осврнам на уште една битна компонента по ова прашање а тоа е политичката, финансиската и функционалната независност и самостојност на Агенцијата за заштита на личните податоци. Таа е установена со закон и за истата треба да се создадат услови за да може да функционира ефикасно и ефективно. Таа независност е нужна за да може Агенцијата да ги извршува своите надлежности, задачи, овластувања и одговорности, кои сега се проширени и за кои се разбира треба да е поткрепена и со доволен број на стручни и професионални извршители. При тоа, извршителите да водат сметка да не ги злоупотребуваат овластувањата и статусот што го има Агенцијата и самите тие како вработени и да не се раководат од лични, деловни и финансиски интереси туку во секоја своја постапка да го штитат угледот на Агенцијата и својот личен интегритет, секако.
Јас сум убеден дека доколку сите ние го дадеме својот личен придонес во својот сегмент на делување, и Агенцијата, меѓутоа и нашите граѓани ќе бидат позадоволни и ќе имаат поголема доверба во државата и државните институции.
Ви благодарам на вниманието!