Кривична пријава за измама при добивање кредит
СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против А.О.(52) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „употреба на исправа со невистинита содржина” по член 380 и „измама при добивање кредит” по член 249 од Кривичниот законик.
Пријавената, со намера лажно да прикаже дека е кредитоспособна, при аплицирање за одобрување потрошувачки кредит во една банка приложила лажна потврда за вработување и лични примања, наводно издаден од јавна здравствена установа од Скопје. На тој начин ги довела во заблуда одговорните лица во банката да и одобрат ненаменски потрошувачки кредит во износ од 600.000 денари.
Кривична пријава за примање поткуп
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против полициските службеници Б.В. и Х.З. , вработени во СВР Скопје, поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од КЗ на РСМ.
Имено, пријавените на 25.09.2022 при вршење на сообраќајна контрола на ул. Димитрија Чуповски во Скопје, од оштетениот Г.Ј. побарале и примиле поткуп за да не извршат службено дејствие кое биле должни да го извршат, односно за да не изготват прекршочен платен налог за констатиран сообраќаен прекршок за поминување на црвено светло. Против полициските службеници е покрената и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност и отстранување од работното место до завршување на постапката.
Приведени крадци во гостиварско
На 25.10.2022 околу 14.00 часот во гостиварско Неготино, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар ги лишиле од слобода Х.В.(33) и малолетник, двајцата од Кавадарци и 42-годишната И.Д. од Велес. Тие се сомничат дека извршиле кражба во работилница-сервис за поправка во гостиварски Добридол. Со нив бил извршен службен разговор и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Приведени насилници во Скопје
По преземени мерки и активности, полициски служебници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје на 25.10.2022 ги лишиле од слобода Х.С.(20) и Е.П.(18), двајцата од Скопје. Тие се сомничат дека на 24.10.2022 на ул.„Босна и Херцеговина“, по претходна расправија поради недоразбирање во сообраќајот, со уште едно лице физички го нападнале Д.К.(60) од Скопје, по што Х.С. со остар предмет му нанел повреди.
Тие биле задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.