Сончево, но студено утро не пречека во скопската зоолошка градина вчера, но тоа велат зоо негувателите е најубавото време за речиси сите животни во овој период од годината.Во најголемата детска атракција со животни во земјава се е во знакот на подготовките за зимата што доаѓа. Се адаптираат зимските живеалишта, се внесуваат тропските животни и примати во нивните зимски домови, се вдомуваат некои животни во живеалишта на други…Со еден збор – уживање за сите сетила, бидејќи навистина е интересно да се види како кај мајмуните во хармонија уживаат папагалите, како на само ним разбирлив јазик зборуваат, како зајчињата отстрана со љубопитност ги гледаат случувањата во “старата мајмунара“, како покажуваат среќа и се радуваат на секој нов посетител.
А, уште на влезот, кога ја почнавме нашата прошетка во зимскиот дом на мајмуните следеше скенирање: Како си, дали си нервозен, дали си добро…Тие точно знаат да ја препознаат и почувствуваат сечија енергија, па така и реагираат. Со оглед на нивната расположеност и веселост, како и можноста да бидеме на само неколку милиметри од нив, знаевме дека оваа репортажа ќе биде одлична.
Ги поминавме сите живеалишта на 500. животни чиј дом е скопската зоолошка. Беспрекорно чисти, топли и пријатни, со насмеани зоо негуватели кои едвај чекаат да раскажат по некоја приказна за нивните миленици. Во секое зимско живеалиште постои подно греење, водата во базените еднаш, но по потреба и повеќе пати се менува, храна наредена под конец и ред кој, како што велат вработените, е најважен за животните и нивното здравје и среќа.Пријатните услови, хигиената и односот на секој еден вработен со кој разговаравме ни дава право да кажеме дека скопската зоолошка градина е навистина по светски терк.
“Уште на почетокот на ноември се подготвуваме за чување на животните во зимски услови. Секако, имаме животни со кои немаме проблем со надворешните температури. На одредени и им одговара студеното време.
Околу половина од животните и се подготвени за тие такви надворешни услови. Но, имаме и животни, нормално кои што, бараат поинаков третман на студеното време. Најчесто се работи за тропски животни , дел од приматите, лавовите, кои веќе се згрижуваат внатре“, објаснува Виктор Ванчевски, еден од зоо негувателите.
Тој ни објасни дека во овие зимски улови најголем акцент се става на исхраната.
“Имаме зимска таблица на исхрана. Што подразбира тоа? Бидејќи тоа е тој стрес фактор на намалена температура, кога животните имаа зголемена потреба на калории, топлење, па затоа постои и таква зимска таблица на хранење. Значи, се подобрува квалитетот на исхраната, се зголемува исхраната, се додаваат витамини и минерали, односно се што е потребно за секое животно посебно. Се прави и збогатување на живеалиштата. Се со цел да се избегне, иако нели сега во овој зимски период се внатре, тоа стереотипно однесување.
Има дел од животните кои што го појавуваат тоа, таа нова адаптација, па затоа и правиме такво збогатување на внатрешниот простор со цел да им е поудобно, да се занимаваат со многу работи и да им биде интересно“, вели Виктор.
Секој ден, велат вработените се работи на живеалиштата, на нивно прилагодување за зимски посети, за да можат посетителите да ги видат сите животни какви се во во внатрешните живеалишта.
Шимпазата, лемурите, останатите мајмуни се веќе во нивните зимски домови, а секој посетител може да види како изгледа нивниот живот одблиску и во студените денови. Кај дел од внатрешните живеалишта има и стакла преку кои децата, но и возрасните можат да ѕирнат што се случува во нивниот зоо свет.“Обично знаеме на сончеви денови, иако е зимски период, па дури и да има снег, да ги пуштиме животните да уживаат. Многу од животните иако се тропски сакаат да излеза, да се растрчаат. За тоа време додека се надвор, им се проветруваат живеалиштата. Им одговара и снег, но тоа е околу еден час време максимум, во зависнот од температурата тој ден“, објаснува Виктор.
Нашата прошетка почна кај лемурите. Ги има 17 и живеат во матријахат. “Ова се многу пријатни и соработливи животни, со кои имаш повратен резултат кога работиш со нив. Реагираат најмногу на храна реагираат, но тие ја чувствуваат и енергијата на секој еден од нас, но и на посетителите“, вели зоо негувателката Ана.
Зимските живеалишта им се од отворен-затворен тип, односно тие самите бираат кога сакаат да излезат надвор, а кога им е поудобно внатре. Секако, кога температурите го дозволуваат тоа.Но, тие знаат и да ги задеваат зоо негователите, да им фаќаат внатре во џебовите, особено мангаве мајмунот.“ Се случувало, ние сме работеле заедно – ќе ја оставиш јакната и и од џебот ти извади се што е внатре, ама буквално се. Додека се свртиш тој веќе ти собрал се“, низ смеа раскажува Ана.
Во скопската зоолошка живеат и шимпанза, од кои најстара е Мими и има 62 години. Тука е и познатиот Коко кој за неколку дена ќе полни 28 години, како и Изи која има 39 години.“Коко исклучително многу ги чувствува луѓето. Знае да кога ќе осети некоја друга енергија да реагира, да фрла, но тоа е нормална реакција. Тоа е нивна територија и тие си се штитат. Практично живеат со законите на природата“, додаваат Ана и Виктор.
Следното беше да го видиме зимскиот дом на слоновите. А, тука Дуња и Даела буквално уживаат. Утрински искапени, весели, ни дозволија и да им дадеме ужинка, секако омилените банани. Слоновите имаат прецизен ред за се и од тоа не се отстапува. Се знае кога точно се капат, кога имаат тренинг, кога ручаат или вечераат, кога им е време за надвор и слично.
“Тие се наши повеќе од четири години, кога ни пристигнаа од Белгија. И двата се циркуски слонови, кои по забраната во Европа за циркуси од Германија и Шведска се однесни на ресоцијализација во Белгија и од таму дојдоа кај нас. Баба Дуња, како што ние си ја викаме, е азиска слоница и има 53 години и е една од најголемите азиски слоници во Европа. Даела пак е африкански слон, има 35 години и тие се заедно 30 години“, со огромна љубов ни раскажува Виктор кој е задолжен за нивна грижа.Тој вели дека секое утро имаат ритуал.
“Се почнува со капење, па тренинг. Тоа е еден вид на медицински тренинг, при кој им се прави и проверка, да видиме проверка на уво, стапала, педикир, маникир, да се спушти, да се исправи, да се искапе. Имаме и вадење на крв од уво, односно сите работи поврзани со здравјето. Се обидуваме во летниот период тоа го правиме надвор за да сето тоа се доближи до публиката, да им е поинтересно на луѓето“, вели Виктор.Според него, баба Дуња иако е стара, за годините изгледа одлично и добро се држи.
“Азиските слонови имаат век од 50-60, додека африканските од од 60-70 години. Вдлабнатините на главата се показател за стареењето, коските полека се повлекуваат. Но Дуња е во добра кондиција и супер се држи“, додава Виктор.Засега наслединици нема, бидејќи за да се дојде до тој степен, слоницата треба да живее во заедница со други, односно да гледа породување и да е дел од тоа секојдневие. И да се случи нешто, таа ема да знае што да прави со малечкото. “Азиските и африканските слонови да се се заедно во комбинација не може. Да, тие се тој вид – слонови, но си имаат свои карактеристики и не се компатибилни. Дуња и Даела бидејќи се заедно уште од циркус, затоа и функционираат“, потенцира нивниот соо негувател.Она што е најважно, велат сите зоо негуватели за зимата е зимскиот начин на исхрана. Затоа и со огромно внимание се подготвува нивното мени.“Сибирските тигри, бизоните – тие уживаат во овој период од годината. Тие буквално знаат да уживаат и во снег. Сакаат да ги покрие снегот и да лежат во него. Овој период има посебна убавина за животните и ние навистина правиме се за им биде уште подобро. И тигрите немаат проблем во зима.
Тие овој период јадат месо повеќе и разновидна храна, но имаат отоврен- затворен простор и сами бираат каде ќе се движат. И фоките немаат проблем со варијациите на температури. Ним, како и на пингвините им е одлично и на пониски температури. Нилскиот коњ сака да излегува на студено време, за да по прошетката се врати во зимскиот дом и ужива во својот затворен базен кој е со топла вода.
“Ние им ги оплеменуваме живеалиштата, им правиме се да поминат поголем временски период во активност додека се внатре. Се обидуваме со расположливите услови да им го дадеме и обезбедиме максимумот“, нагласува Виктор.
Ги посетивме и кенгурите, односно валаби кенгурите кои сега се сместени во зимското живеалиште.
Нивната зоо негувателка буквално за нив зборува како за нејзини деца, особено за женката Пикси која е нејзина цимерка. Пикси е албино кенгур и таа во моментов е одвоена е заради агресија од мажјаците. Има чувствителен имунитет, бидејќи помина три породувања и е со нарушен имун систем.
“Ја гледам како ќерка. Оваа сеозна ќе ја поштедиме од расплод. Барем од тој стрес и траума да ја поштедиме. Гледам да е во најоптимални услови бидејчи јас ја одгледав уште кога стана сираче. Нејзината мајка почина од стрес и беше многу мала за да ја бабуваат другите од стадото. Морав јас да преземам Австралија во мојот дом. Таа ми е срасната за срце и ја сакам како мојата ќерка. Со право велам дека ми порасна детето, иако таа е вечно дете. Правам се да и помогнам, и носам се што треба да јаде и практично и ја носам природата внатре“, вели Билјана.
Многу е лесно да се работи со животни, се согласуваат сите зоо негуватели, најтешко е да се биде константен во таа работа.
“Секој ден работа со нив, значи квалитетна храна. Буквално секое животно може да го научиш на се. Најголемиот предизвик со кој работиме е тој медицински тренинг без разлика на било кое животно. Ние сме тие кои треба да го доближиме ветеринарот до нив за да може да аплицира одредена терапија или некој третман. Тоа е таа константност во работата, тоа е она што е потребно“, вели Виктор.
“Ние знаеме како, особено со храна, да ги научиме животните кога е време за надвор, кога за внатре, односно да се создадат правилни навики. Тие едноставно самите знаат кога нешто се случува и си влегуваат внатре“, велат сите негуватели.
Такви строги навики имаат фоките, кои го минуваат истиот режим секој ден, во точно одредено време. Нивното време за покажување пред посетителите е 14 часот, кога нивниот негувател ги храни пред публика, но во исто време и им прави медицински трениг. Во тоа време може да видите и како фоките го бакнуваат нивниот негувател.
Иако дојдоа студени денови, скопската зоолошка навистина нуди многу повеќе од обично разгледување на животни. Сега во неа има бебе камила стара само 10 месеци, има нови мајмунчиња, мало магаренце…
Преку животните, може да се научи многу повеќе, бидејќи целта на секоја зоо градина е едукација и конзервација, а ние, велат негувателите сме тие кои одредени загрозени видови ги одржуваме во живот.
Затоа, студеното време нека не ве спречи да видите одблизу како во зима живеат животните, бидејќи во скопската Зоолошка градина навистина има што се види и научи.
Директорот на Зоолошката градина во Скопје, Драган Илиевски вели дека за 2023 година се планира да се донесат голем број нови животни, но она што особено ќе биде интересно за посетителите е новиот Аквариум центар, како и планираната изградба на авантура парк за најмладите посетители.
“Во следната година планирано е да се изврши набавка на различни видови мајмуни, разни видови егзотични птици, разни видови влекачи, јагуар-мажјак, еланд антилопи, женка бизон, тапир, капибари, ракуни, зебра женка, тигар мажјак, видри. Покрај овие животни, се планира да се изврши набавка и на други видови животни, понудени од страна на Зоолошките градини, а за кои ќе се обезбеди соодветно живеалиште за сместување“, вели директорот Илиевски.
Во скопската Зоолошка во моментов во карантин се и мајмуни капуцинери, кои за неколку месеци ќе бидат пуштени од изолација и посетителите ќе уживаат во нивните атракции. За нив веќе е рениовирано и подготвено живеалиштето.
За следната година планирана е реконструкција на постоечките живеалишта, како и изградба на нови.
“Планирана е реконструкција на надворешно живеалиште за шимпанзо, за лавовите, на домот за мечките, како и изградба на сенарник;, пренамена на ботаничка градина во САВАНА, изградба на нов сервисен центар (ладилници за месо, овошје и зеленчук, склад за чување зрнеста храна, простории за чување сено, кујна работилница, магацин и помошни простории), хортикултурно уредување на сите слободни површини во Градината, продолжување со пренамена на старата водоводна инсталација во инсталација за технолошка вода, воспоставување систем за наводнување на зелените површини во Градината по систем капка по капка и прскалки. Се предвидува и изградба на нови живеалишта за бизони, изградба на ново живеалишта за антилопа, зебу и изгрдаба на живеалиште за бодликави прасиња. Има уште многу планирани активности кои се надеваме дека во текот на следната година целосно ќе ги завршиме“, вели Илиевски.
Тој додава дека од неговата доаѓање како директор оваа година спроведени се бројни активности, за што сведочи и моменталниот изглед, но и состојба во Зоолошката.“ Имавме месеци со рекордна посетеност на Градината од над 16.000 лица во еден викенд, дооформен е мастер планот за ЗОО Скопје, Изготвен е Наративен извештај за Проектот за подигање на јавната свест и едукација. После 12 години нечистење е исчистена големата депонија, после повеќе од 15 години нечистење е исчистена малата депонија, при што заедно со помалите чистења, со официјални документи во Дрисла е депонирано приближно 2.500м3 ѓубре и смет, хортикултурно се уредени и оплеменети површини од приближно 30.000м2, санирани се патеки и стази во должина од приближно 600м2. Направено е многу и следната година ќе се стори уште повеќе во интерес на сите“ вели директорот Илиевски.