Почитуван Претседател на Големото национално собрание на Република Туркије, Мустафа Шентоп,Почитувани претставници на МАТУСИТЕБ и ТИКА,Почитувана Екселенција Мехмет Секизќок,Дами и господа,
Чест и задоволство ми е да од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и во мое име, да Ве поздравам сите присутни на овој традиционален настан по повод одбележувањето на 21 Декември, Денот на наставата на турски јазик во Република Северна Македонија во присуство и на мојот драг колега, претседателот на Големото национално собрание на Република Туркије, почитуваниот Мустафа Шентоп и Делегацијата.Пораката што мојот драг колега Шентоп ја испрати минатата година до граѓаните на Република Северна Македонија кога се обрати во законодавниот дом и рече дека „при секое доаѓање овде се чувствува како дома“, се зборови кои што сакам и јас да ги упатам денес затоа што Туркије секогаш била наш искрен пријател, силна поддршка и верен партнер во секој чекор што го преземаме како држава.
Затоа, Ви посакувам топло добредојде во Република Северна Македонија и дозволете да ја искористам оваа прилика и Вам драг колега Шентоп, на сите присутни во салава, меѓутоа и на сите наши сограѓани, припадници на турската заедница, да ви го честитам овој празник со кој и институционално, и како граѓани на Република Северна Македонија, изразуваме почит кон културата, идентитетот и посебноста на турската заедница, која е дел од мноштвото култури, обичаи и јазици кои ја красат Република Северна Македонија. А Република Северна Македонија е богата земја во која посебноста на секоја заедница, како нејзин заштитен знак и идентитет, во природна симбиоза со другите посебности, претставува одличен пример и автентичен индикатор за степенот на демократска зрелост и изградена граѓанска свест во нашето општество. Да не заборавиме дека пријателските и роднинските врски помеѓу граѓаните на нашите две земји се силни, историски, традиционални и топли и тие се најцврстата основа врз која ги градиме нашите идни билатерални и мултилатерални релации.
А можностите за взаемна поддршка и соработка се бескрајни, почнувајќи од за мене многу значајните парламентарни односи и соработка на билатерално ниво, на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија каде што сме заедно членки и партнери како ПС на СЕ, ПС на НАТО, ПС на ОБСЕ и Интерпарламентарна Унија, во Процесот за соработка во Југоисточна Европа, и секако во ПАБСЕК каде заедно придонесуваме во градење на подобар свет за сите.
Почитувани присутни, Уште еднаш, честитки за Денот на наставата на турски јазик, и нека светлината на знаењето го осветли нашиот пат кон подобро утре за нашите граѓани! Бидете живи, здрави, и нека живее вечно пријателството со Република Туркије!Ви благодарам на вниманието!