Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски ја одведоа публиката на незаборавно патување на синоќешниот концерт во Македонската филхармонија.
Тројцата врвни музичари ги разгалуваа емоциите на присутните со изведбите на 11-те музички дела од нивниот заеднички албум „Песни за љубов и копнеж“. Албумот ,,Песни за љубов и копнеж” се состои од 11 од најубавите, малку подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20-тиот век, која се смета за златната ера на македонската забавна музика.
Истите се потпишани од едни од нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев и Љубомир Бранѓолица. Каролина, Дуке и Исмаил се догогодишни соработници. Идејата за овој албум се родила во 2016 година, по што внимателно работеле на неговиот концепт, изборот на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде „нов живот” на дел од најубавите песни на домашната музика.