Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во новогодишната честитка до граѓаните порачува следната 2023 година да биде уште поуспешна година, да останеме доследни на стратешките цели и Северна Македонија да ги продолжи преговорите. – Во периодот кој следи мудро да ја искористиме наклонетоста која ја имаме кај европските институции, геополитичките случувања и доброто ниво на подготовка на земјата за побрзо да напредуваме во процесот на евроинтеграциите. Сето ова ми дава реален оптимизам дека 2023 ќе биде уште подинамична, но и поуспешна. Очекувам, во позитивна атмосфера, со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени.
Ова е прашање кое ќе го одреди правецот на движење на државата и европската перспектива. Очекувам сите да преземат одговорност за судбината на европскиот пат на Северна Македонија и наместо домашна блокада, Северна Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ, вели вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ. Маричиќ на граѓаните им ја честита новата 2023 година со искрени желби за добро здравје, лична и семејна среќа и понатамошни успеси, порачувајќи во годината што доаѓа да се радуваме на уште повеќе државни успеси, на кои сите ќе бидеме горди, а младите и идните генерации благодарни. Интегралниот текст од видео обраќањето на вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, во продолжение:
„Почитувани граѓани, Изминува годината во која одговорно и мудро носевме државнички одлуки за иднината на државата, со кои на полето на евроинтеграциите испишавме успешни историски моменти и датуми за државата. После 17 години чекање, направивме пресвртница во нашите односи со Европската унија. На 19 јули ја одржавме првата Меѓународна владина седница, со која и официјално ги започнавме преговорите со Унијата, како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Напорно и посветено работевме на европеизација на македонското општество, а следната година со јасен план и реформски приоритети ни претстои брза трансформација, согласно европските стандарди и вредности. Она што ме охрабрува е мотивацијата и подготвеноста на македонскиот преговарачки тим, но и позитивните коментари од Европската комисија, за досегашното постигнување во хармонизацијата со законодавството на ЕУ и темпото на скрининг кој мораме да го задржиме и следната година.
Во периодот кој следи мудро да ја искористиме наклонетоста која ја имаме кај европските институции, геополитичките случувања и доброто ниво на подготовка на земјата за побрзо да напредуваме во процесот на евроинтеграциите. Сето ова ми дава реален оптимизам дека 2023 ќе биде уште подинамична, но и поуспешна. Очекувам, во позитивна атмосфера, со заеднички консензус и обединување околу евроинтеграциите, да ги направиме и уставните измени. Ова е прашање кое ќе го одреди правецот на движење на државата и европската перспектива. Очекувам сите да преземат одговорност за судбината на европскиот пат на Северна Македонија и наместо домашна блокада, Северна Македонија да ги продолжи преговорите со ЕУ. Граѓаните тоа го сакаат и знаат зошто Северна Македонија треба да чекори на европскиот пат. Тоа е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и државата. Почитувани, Најсрдечно ви ја честитам новата 2023 година и ви посакувам добро здравје, лична и семејна среќа и понатамошни успеси. Следната година да се радуваме на уште повеќе државни успеси, на кои сите ќе бидеме горди, а младите и идните генерации благодарни. СРЕЌНА НОВА 2023 година!“.