Поради начинот и времето во кое беше извршено, убиствоТО на некрунисаниот крал на проституцијата на Балканот, Дилавер Бојку – Леку, јавноста го оквалификува како филмско убиство. Леку беше убиен со истрел во чело, среде бел ден, на плажа во Струга. Непознатиот напаѓач, веднаш по убиството, се качил на моторот со кој и дошол, и избегал во непознат правец. Покрај ова убиство, од осамостојувањето на Македонија, јавноста и медиумите забележаа дваесетина убиства кои беа оквалификувани како филмски, бидејќи наликуваа како да се од филмско сценарио. Од нив, како едни од најкарактеристичните ги издвојуваме убиствата на Брус, на Џељо, петкратното убиство кај Смиљковци, убиството кај скопската Зоолошка, хоророт во Бутел…
НАЈСВИРЕПОТО УБИСТВО ВО МАКЕДОНИЈА – Мери Јошевска (18 јуни 1993). Миле Хаџиски во 1993 година, кога имаше само 21 година ја уби Мери Јошевска нанесувајќи и 40 убоди со нож по целото тело. Тоа беше едно од најсуровите убиства во Македонија кое се случи на 18 јуни 1993 година на булеварот „АВНОЈ“ бр. 104 во Скопје. Расправијата меѓу Хаџиски и Јошевска почнала напладне во нејзиниот стан. Тој најпрвин почнал да ја дави со раце, а потоа со кристален пепелник ја удрил еднаш по десното рамо и двапати по глава. Потоа со кујнски нож почнал да ја боде во пределот на главата и стомакот. Од здобиените повреди Јошевска починала на лице место. Увидот покажал дека и на паркетот имало траги од силината на ударите со нож што ги оставил убиецот. Хаџиски потоа зел неколку парчиња златен накит и го напуштил станот, оставајќи ја Јошевска да почине. Според полицијата, убиството било извршено со умисла, на свиреп начин и од користољубие. Основниот суд Скопје 2 го осуди на казна затвор во траење од 20 години.
АЦЕ „ЦИГАНОТ“ – Сеат Ибраими (јуни 1998, Скопје). Ацо Боцевски, познат како Аце Циганот, среде бел ден ладнокрвно со неколку истрели од пиштол го уби скопјанецот Сеат Ибраими. На убиството му претходеше неколкуминутна автомобилска брканица низ градските улици. Автомобилот “мерцедес”, кој го управуваше Ибраими, излета од патот во близина на зградата на Осигурителната компанија “Кју-би”, веднаш зад него запрела корветата зад чиј волан седеше Циганот. Тогаш Циганот излегол од автомобилот го вперил пиштолот кон својот сопарник и ја испразнил рамката од оружјето.
БОКСЕР И БАМБУС – Марјан Тушевски и Кире Јанев (10 јули 2001, Скопје). Марјан Тушевски – Боксер (37) и Кире Јанев – Бамбус (23) беа убиен ноќта меѓу 10 и 11 јули во 2001, пред кафулето “Панта реи” во близина на кафе барот “Витраж”, пред полноќ на платото меѓу зградите на улица Атинска во скопската населба Тафталиџе, како што тогаш објави полицијата од двајца професионални егзекутори. Медиумите во тоа време пишуваа: „Тушевски во тоа време беше познат по рекет. Мета му беа сите дуќани во трговскиот “Беверли Хилс”. Тогаш убиството се поврзуваше со тепачка еден месец пред убиството, а во која вмешан беше и шурата на тогаш министерот за внатрешни работи, Љубе Бошковски. Подебелиот крај го извлекол шурата на министерот коj бил претепан. На убиството на Тушевски и Јанев имало и очевидци. Според тогашните пишувања убијците прво пукале во нозете на Тушевски, тој молел да не го убијат, но еден од убијците му го ставил пиштолот во устата и истрелал еден куршум. Втората жртва, Јанев почнал да бега, но убијците го стасале кога се обидувал да се прекачи преку оградата од подземните гаражи. Пукале во неговиот тил“.
ДИМЕ ПОШТАРОТ – Диме Ицковски (21 ноември 2003). Во престрелка со полицијата во скопската населба Карпош, како што соопшти министерството за внатрешни работи, на 21 ноември 2003 година беше убиен Диме Ицковски Поштарот, обвинет за повеќе кривични дела. До престрелката, според МВР, дошло кога при обидот да биде уапсен, Ицковски отворил оган и притоа ранил еден полицаец. За расветлување на случајот тогаш беше формирана специјална комисија, особено по информациите во јавноста дека позадината на овој настан е нешто сосема друго. Еден од спорните моменти во случајот тогаш беше дека „Поштарот е убиен само по два дена откако на уредник на една телевизија му изјави дека му е нарачана егзекуција“. Тогаш беше најавено формирање посебна комисија за да ја испита оправданоста за употребата на огнено оружје од страна на полицајците.
УБИСТВОТО КАЈ „ЧИЧКО СТОИЛКО“ – Ромео Живиќ (29 март 2004, Скопје). Ромео Живиќ беше убиен во престрелката на 29 март 2004 година, на плоштадот Пела, во строгиот центар на Скопје. Според обвинителниот акт, настанот се случил околу 21 часот, време кога има голема фреквенција на минувачи на тоа место. Истрагата утврди дека Јане, Ромео и Љуљзим се сретнале ден претходно за да се договорат за некоја наплата на долг. На критичната вечер Ромео и Љуљзим го чекале Јане Павловски во локалот „Блу кафе“ кај плоштадот Пела. Кога сакале да си заминат кон Куманово, се појавил Јане-Тица со двајца пријатели. Јане и Љуљзим се тргнале настрана за да се договорат, но меѓу нив избила расправија, во која Ромео се замешал. Тој го удрил Јане по главата и го повлекол Зими кон себе. Јане извадил пиштол го репетирал и испукал еден куршум, кој завршил во стомакот на Ромео. На ова кумановецот веднаш возвратил. Во тој момент почнал да пука и Љуљзим. Престрелката, во која биле испукани дваесетина куршуми, траела околу две минути. Ромео и Јане, двајцата тешко ранети, биле префрлени во Градската болница, каде што кумановецот им подлегнал на повредите.
КОМАНДАНТ МУЈО – Горан Георгиевски – Мујо и Ненад Вељковски – Чавка (4 април 2005, Куманово). Триесет и шестгодишниот Горан Георгиевски – Мујо, еден од командантите на единицата „Лавови“, беше убиен на 4 април 2005 година, во инцидент што се случи пред ноќниот клуб “Линка”, на улицата “Иво Лола Рибар”, во Куманово. Убиен е и дваесет и шестгодишниот Ненад Вељковски – Чавка. Мујо починал на самото место, а Ненад во болница, во Скопје. Со прострелни рани се здобиле Роберт Иванов (34) и сопружниците Драган Илиќ (34) и Марина Илиќ (33). Роберт е ранет во нога и е хоспитализиран во Клиничкиот центар. Во Мујо, Ненад, Роберт, Драган и Марина и во уште четворицата други кои таа ноќ биле пред “Линка”, пукал Горан Стојановски, газдата на локалот. Според тогашните извештаи во медиумите, „се се случувало петнаесетина минути по еден часот. Мујо со пријателите дошол пред “Линка”. Ги паркирале возилата на тротоарот, излегле од нив и сите заедно се качувале по скалите за да влезат во ноќниот клуб. Но биле спречени од Марко Стојановски, кој без какво било објаснување не му дозволил на Мујо да влезе внатре. Постапувал, рекол Марко пред присутните, по наредбите на татко му. Тогаш, според информациите што ги добивме од неколкутемина сведоци, Георгиевски се симнал долу и почнал да се расправа со “газдата”. Во тој момент на Мујо, одзади, му пришол Горан Стојановски и четирипати му стрелал в грб. Тој пукал и во другите од групата кои стоеле понастрана. Ненад го погодил в глава, Роберт во ногата, а Драган и Марина во раката и рамото. Потоа дошол до Мујо, кој веќе лежел мртов на земја, и од половина метар растојание, по “белградски рецепт”, го “оверил” со уште три куршуми в стомак. Веднаш по настанот Горан Стојановски со сопствено возило се дал во бегство“.
ПОСЛЕДНИОТ КУРШУМ В ЧЕЛОП – Миле Петковиќ – Брус (7 август 2005, Маџари, Скопје). „Го убија Брус, го убија Брус“, врескаше продавачката во трафиката покрај која, на тротоарот, лежеше мртов Миле Петковиќ – Брус, босот од Маџари, за едни важен лик од македонското подземје, а за други голем човек, пријател и добар бизнисмен. Според информациите што тогаш ги даде МВР, Брус бил убиен во 10.10 часот, пред неговата кафеана „Кај Брус“, во скопско Маџари, од страна на четири до пет непознати лица со автоматско оружје. Според сведоците кои тогаш го прераскажуваа настанот за медиумите, „пет мажи со калашникови го убиле Брус и ја изрешетале неговата кола, а кога тој веќе мртов лежел на тротоарот, еден од убијците му пришол на телото и му пукал во челото“.
На убиството му претходеа уште два напада кои Брус успеа да ги избегне – во мај и во јуни истата година. Неофицијално, ова филмско убиство е крвна одмазда по смртта на Неџмедин Ајети од Ченто, кој беше ранет во тепачка и престрелка во кафеаната на Брус неколку месеци порано.
ТОПАЛ, ЏИЏИ И МОСКО – Андреј Филип – Џиџи и Новица Благоевиќ – Моско (22 ноември 2007, Скопје). Ѓорги Топаловски од Скопје, по куса расправија на булеварот Илинден, кај Зоолошката градина, во Скопје, со по два куршума ги уби Андреј Филип – Џиџи (35) и триесетгодишниот Новица Благоевиќ – Моско од Скопје, а потоа со својот автомобил ги газеше телат на убиените.
Според полициските информации, Топаловски на 22 ноември 2007 година, ги убил двајцата скопјани бидејќи подолго време им должел 10.000 евра кои му ги дале под лихва, а на убиството му претходела кавга поради тоа што двајцата лихвари дознале за планот на Топаловски дека ќе избега кај жена му во Србија без да им го плати долгот. Според тогашните информации на МВР, убиените биле усмртени со по два куршуми, во тело и глава, а, според податоците, имало сведочења на очевидци дека по убиството, осомничениот ги прегазил мртвите тела со возилото „Цитроен Ц4“, со кое Топаловски избегал од местото на убиството, ако кое подоцна беше пронајдено од полицијата.
РКУЛОТ ВО „БИГ ФИШ“ – Јордан Јорданов – Ркулот, Влатко Милошев и Влатко Андреевски (септември 2010, Скопје. Нерасчистените должничко-доверителски односи се причините за трикратното убиство што се случи во во септември 2010 година, во скопската населба Аеродром, кога скопјанецот Тони Денковски, со калашников ги изрешета Јордан Јорданов – Ркулот, Влатко Милошев и Влатко Андреевски, кои седеле во рибниот ресторан „Биг фиш“. Тој следниот ден сам се пријавил во полиција откако од роднините разбрал дека полицијата трага по него. Четириесет и седумгодишниот Денковски пред инспекторите во МВР рекол дека цел на неговиот напад бил велешанецот Јорданов, а не другите двајца. Тој му должел пари на Јорданов. Не бил во можност да му ги врати, поради што Јорданов му вршел притисок и му упатувал вербални закани за парите. Парите му биле дадени како заем за комар.
ОДМАЗДА ЗА МУЈО? – Горан Стојковски – Линка (11 декември 2011 година, Куманово). Кумановецот Горан Стојковки – Линка беше убиен на 11 декември 2011 година. Според тогашните пишувања во медиумите, „Линка бил ликвидиран со неколку истрели во главата како одмазда за убиството на мајорот на „Лавовите“ Горан Георгиевски – Мујо и Ненад Василевски – Чавка, кое се случи пред неколку години порано. Заседата била поставена пред влезот од станбената зграда Гарнизон во која живеел Стојковски, во центарот на Куманово. Убиецот го начекал и од непосредна близина почнал да пука во него, а кога Линка паднал на земја испукал уште неколку куршуми во неговата глава. Истрелите ги чуле и соседите на убиениот и случајни минувачи кои не го забележале или виделе убиецот и ја повикале полицијата. Кумановчани велат дека се убедени оти смртта на Стојковски, кој само пред неколку месеци беше пуштен од затворот Идризово, е одмазда за двојното пред неговиот ноќен клуб “Линка”“.
КАЛАШЊИКОВ ЗА ЏЕЉО – Џељал Ајети – Џељо (29 ноември 2013, Ченто, Скопје). Џељал Ајети беше убиен на 29 ноември 2013 година, пред чајџилницата „Џељо“ во скопско Ченто. Според тогашните полициски информации, непознат маскиран напаѓач влегол во чајџилницата и почнал да пука со автоматската пушка. На лице место бил убиен Џељал, а две лица со тешки повреди беа префрлени во болница. Џељо на македонската јавност ѝ стана познат по жестоката пресметка со фамилијата на убиениот Миле Петковиќ – Брус од скопско Маџари, познат и како „Босот од Маџари“. Според тогашните полициски информации, нетрпеливоста меѓу семејствата Петковиќ и Ајети почнала во март 2013 година, кога, по кавга за нарачана песна, но и за стар долг од неколку илјади евра, се случи голема пукотница во ресторанот на сега покојниот Миле Брус. Во таа пресметка потешко беше ранет Неџмедин Ајети, кој по неколку дена минати во болница им подлегна на повредите. Осомничени за тоа убиство, наводно, тогаш биле сега веќе убиениот Миле Петковиќ, неговиот брат, синот и зетот. Првите тројца извесно време минаа во затворот во Шутка, но само зетот Дејан Јовановски беше задржан.
ЉУБОВЕН ТРИАГОЛНИК, ДВОЈНО УБИСТВО И САМОУБИСТВО – Марта Перин, Виолета Талевска и Кирил Ристески (Пред Нова година 2012, Скопје). Кирил Ристески од Скопје ги застрела своите две девојки Марта Перин и Виолета Талевска, а потоа се сабоуби, наводно проади љубовен триаголник.
Тогаш медиумите објавија: „Дваесет и седумгодишната Марта му била поранешна девојка на Кирил, а нејзиното безживотно тело било пронајдено во гепекот на неговиот автомобил. Полицијата сè уште ги нема сите детали од ова злосторство, но претпоставува дека љубовниот триаголник бил причина за двојното убиство и самоубиство што се случи во скопската населба Кисела Вода. Пред да ја застрела Марта, Кирил ја уби својата свршеница, дваесет и седумгодишната Виолета Талевска. Тој ја застрелал во глава, а убиството го извршил пред очите на својата осумдесет и четиригодишна баба, која случајот го пријавила во полиција“.
ШТО МЕ ГЛЕДАШ, БЕ?! – Леарт Адеми (3 јануари 2016). 19-годишниот Леар Адеми, син на познатиот новинар од Македонското радио Сами Адеми, беше убиен со три убоди, од кои еден директно во срцето. Според полициските детали, Леарт со 16 годишниот другар се движеле по улицата „Ресенска“ кај Бит Пазар, кога биле пресретнати од осомниченото момче. Осомничениот на другарот на Леарт му се обратил со зборовите „Што ме гледаш“, по што започната била расправија меѓу тројцата. Во еден момент, осомничениот за убиството, 19 годишниот А.А., извадил нож и му нанел три убоди во пределот на градите и стомакот на Леарт, а на третото лице, малолетниот другар на убиениот Леарт, му нанел исекотина во пределот на увото. Со возило на случаен минувач Леарт бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ каде констатирале смрт.
БУТЕЛСКИ ХОРОР – Дедо, баба, внук, снаа… (1 јули 2017). „Околу 12,40 часот во Скопје П.Т.(84), во својата куќа, со пиштол „Берета“ кал.7,65 мм, кој го поседувал со дозвола, испукал еден куршум во правец на неговата сопруга П.Т.(78) нанесувајќи и огнострелна повреда во пределот на грлото, а потоа пукал и кон неговата ќерка Л.С. (58) од Скопје нанесувајќи и огнострелна повреда во пределот на главата. Неговиот внук Т.С.(32) откако влегол во ходникот од куќата, од страна на П.Т. бил погоден во пределот на главата при што поради тежината на огнострелната повреда починал на самото место. Потоа П.Т. со пиштолот си пукал во главата и се самоубил“, информираше полицијата за двојното убиство во скопски Бутел, што се случи на 1 јули годинава. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт кај Т.С. и П.Т. додека Л.С. и П.Т. биле пренесени во Клиничкиот ценар за укажување на лекарска помош.
ОДМАЗДА ЗА ОТКАЗ – Хазби Идризи, градоначалник на Боговиње (6 мај 2017, Боговиње). Според полициските информации, градоначалникот на Боговиње, Хазби Идризи, го уби поранешен вработен во Општината, наводно, поради отказ што му го дал градоначалникот. Осомничениот дента го паркирал своето возило во непосредна близина на Општина Боговиње и се упатил кон бурекџилницата од спротивната страна, каде во тој момент седел градоначалникот. По кратка расправија со градоначалникот, осомичениот извадил пиштол и испукал повеќе куршуми во градоначалникот и избегал. Подоцна, осомничениот во својот дом се самоуби. Градоначалникот, со возило беше префрлен во Болницата во Тетово, каде била констатирана смрт.