Пратениците на итната седница со една точка на дневен ред ја потврдија одлуката на претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, за именувањето министри, заменици-министри и заменик-претседавач со Советот на министри на БиХ
САРАЕВО (АА) – Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ) денеска го потврди новиот состав на Советот на министри, со што БиХ доби влада по речиси пет месеци од одржаните општи избори, јавува Агенција Анадолија (АА). Пратениците на итната седница со една точка на дневен ред ја потврдија одлуката на претседавачката со Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто, за именувањето министри, заменици-министри и заменик-претседавач со Советот на министри на БиХ. За министрите гласаа вкупно 23 пратеници, а за просто мнозинство и потврда беа доволни 22 гласа. Против беа 19 пратеници, а воздржани немаше.
На денешната седница пратениците го потврдија назначувањето на Елмедин Конаковиќ (НиП) за министер за надворешни работи на БиХ, Зоран Тегелтија (SNSD) за министер за финансии и трезор, Сташа Кошарац (СНСД) за министер за надворешна трговија и економски односи, Давор Буноза (ХДЗ) за министер за правда, Едина Форте (Наша странка) за министерка за транспорт и комуникации, Дубравка Бошњак (ХДЗ) за министерка за цивилни работи, Ненад Нешиќ (ДНС) за министер за безбедност, Зукан Хелез (СДП) за министер за одбрана и Севлид Хуртиќ (Зелени БиХ) за министер за човекови права и бегалци.
Потврдено е и назначувањето на Лилјана Ловриќ за заменик-министерка за надворешна трговија и економски односи, на Ивица Бошњак за заменик-министер за безбедност, како и назначувањето на Славен Галиќ за заменик-министер за одбрана, Јосип Бркиќ за заменик-министер за надворешни работи, Александар Гогановиќ за заменик-министер за одбрана, Огњен Јањиќ за заменик-министер за комуникации и транспорт, Маријана Мојиќ за заменик-министерка за граѓански работи, Елвира Махмузиќ за заменик-министерка за правда, Мухамед Хасановиќ за заменик-министер за финансии и трезор, Душка Јуришиќ за заменик-министерка за човекови права и бегалци.
Заменици на претседавачката на Советот на министри на БиХ ќе бидат Зоран Тегелтија и Зукан Хелез. По потврдувањето на назначувањата, претседавачката со Советот на министри, министрите и нивните заменици дадоа свечена изјава, со која се обврзаа совесно да ги извршуваат должностите што им се доверени, да го почитуваат Уставот на Босна и Херцеговина, да го спроведуваат Општиот рамковен договор за мир и неговите анекси во целост и да ги штитат и унапредуваат човековите права и основните слободи, како и да се грижат за интересите и рамноправноста на сите народи и граѓани.