„Огромен е потенцијалот за изградба на соларни централи и општо и целосно производство на енергија од обновливи извори. Ние како Влада се насочивме и кон обезбедување домашна енергија на овој начин, при што, за само една година, во државава има изградени нови електроцентрали, со над 152 мегавати инсталиран капацитет за производство на струја од обновливи извори.
Овие инвестиции имаат значителен придонес во енергетската трансформација и независност.
Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас што се изградени за една година се еднакви со енергетските капацитети кои се граделе со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св.Петка и ветерниот парк Богданци.
Со капацитетите изградени само во 2022 година, може да се покријат потребите на 65.700 домаќинства, со просечна потрошувачка на електрична енергија.
За да знаеме точно и прецизно, со енергијата од обновливите извори инсталирани во 2022 година, може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест градови oд земјава: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Св.Николе.
Конкретно, до крајот на оваа 2023 година, во македонскиот енергетски систем очекуваме да бидат инсталирани околу 300 мегавати од фотонапонски електрани, преку инвестиции со помош на мултилатералните финансиски институции и билатерални кредитори. Заедно со она што беше инсталирано во минатата година ќе имаме инсталиран капацитет од обновливи извори на енергија еднаков на капацитетот кој денес го има РЕК Битола“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски, посочи и на системскиот пристап што го постави Владата во обезведувањето храна.
„За прв пат од независноста на државата, оваа Влада се посвети и на приоритетите во земјоделството, за да осигуриме домашно производство на храна. За таа цел донесовме Национален план за производство на храна, со којшто ги поттикнуваме земјоделците да ја употребуваат секоја педа обработливо земјиште. Ова се покажа како вистинска одлука, затоа што веќе имаме зголемени површини за производство на пченица од 15.000 хектари.
Тој укажа дека паралелно со стратешкиот пристап во земјоделството и во енергетиката, Владата презема и конкретни краткорочни мерки, за да ги заштити граѓаните и компаниите од енормните поскапувања на храна и на струја, предизвикани од светската економско-енергетска криза.
„Во рамки на заложбите за заштита на животниот стандард на граѓаните, Владата донесе и одлука за ограничување на маржата на основните прехранбени производи, за да се ограничи растот на цените на храната. Како поддршка во енергетската криза, од април ја субвенционираме пазарната цена на струјата и тоа со 80 проценти од реалната цена, за сите домаќинства. Да не беше ова субвенционирање, граѓаните би плаќале пет пати повисоки сметки за струја.