Во Охрид расте отпорот кон УНЕСКО, вели градоначалникот, Кирил Пецаков, непосредно пред посетата на мисијата од Светската организација за заштита на културното и природно наследство на регионот од 25 до 27 април. Според него, евентуалното ставање на Охрид на листата на загрозени подрачја, ќе има сериозен удар врз економијата во градот.Кога вели отпор, Пецаков вели дека мисли на строгите критериумите кои УНЕСКО ги поставувал. Охрид вели тој, мора да се развива и мора од нешто да живее.
„Туку се спушта тој праг на толеранција на трпеливост кај граѓаните. Кога зборуваме УНЕСКО, УНЕСКО, УНЕСКО, а од друга страна сè сме испочитувале. Зборувам по однос на граѓаните и граѓаните имаат проблем… Експресниот пат за Свети Наум кога го зборуваме, таков ист планински масив се Доломитите во Италија. Таму нема еден пат, масивот е изрешетан со патишта. Сакам да кажам дека постојат подрачја кои се под иста или слична заштита од УНЕСКО, а се постапува различно“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.Наспроти ова, во Котор, Црна Гора, кој исто така е под заштита на УНЕСКО, се гради жичарница, вели Пецаков. Ист таков проект кај нас, но за изградба на ски-центар на планината Галичица, кај Охрид, по препорака на УНЕСКО беше стопиран.
„…Непобитен факт е дека се потребни сериозни средства за остварување, односно за исполнување на одредени препораки и мерки кои се однесуваат на УНЕСКО, а самиот Охрид не е возможно, тоа не може да го направи“, рече Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.Тимот на УНЕСКО, на лице место ќе го провери направеното во однос на нивните препораки од пред повеќе од две години, за да регионот не се најде на листата на загрозени подрачја.