Македонската машка ракометна репрезентација вечерва во Скопје, потешко од очекувањата, ја совлада Турција со 30-27 во завршниот квалификациски натпревар и со победа го завери настапот на Европското првенство кое идната година ќе се одржи во Германија.Македонските ракометари во првото полувреме беа во константно водство кое изнесуваше највисоки четири голови разлика (7-3, 9-5), но Турција со два погодоци во завршницата замина на полувреме со „егал“ (15-15).
Поинаква слика на паркетот во салата „Борис Трајковски“ донесе второто полувреме, кое турските ракометари го отворија со серија од 3-0, одржувајќи ја предноста до 55. минута кога македонските репрезентативци, предводени од одличниот голман Мартин Томовски, првпат се врати во водство (26-25).
Со серија голови на Марко Митев, избраниците на селекторот Кирил Лазаров успеаја до крајот на натпреварот да ја сочуваат предноста, а завршниот гол од седум метри го постигна 36-годишниот Гоце Георгиевски, кому ова му беше последен настап во националниот дрес што го носеше изминатите 16 години.
Томовски на голот запиша 15 одбрани, а најефикасни во македонскиот состав беа Марко Митев и Жарко Пешевски со по пет голови.Северна Македонија го заврши настапот во квалификациската група 1 на второто место со четири победи и два порази и заедно со првопласираната Португалија обезбеди место на завршниот турнир во Германија.
Фото: РФМ