Фото: Хелсиншки комитет Македонска православна црква в четврток организира протест под мотото „За нашите деца, за нашата иднина“. Протестот се организира против предлог-Законот за родова еднаквост и измените на Законот за матична евиденција со почеток во 18 часот пред Соборен храм Св. Климент Охридски – Скопје. Од Хелсиншки комитет за човекови права апелираат до ЛГБТИ заедницата и ги советуваат на внимателнот на денот на протестот.
На денот на протестот, но и ден потоа Хелсиншкиот комитет за човекови права ја советува ЛГБТИ заедницата: Да избегнувате да се движите на просторот на којшто се одржува протестот, да избегнувате да носите обележја кои асоцираат на ЛГБТИ заедница во јавен простор, движете се низ осветлени и фрекветни улици и простори, секогаш имајте мобилен телефон при рака, за да во случај на каков било инцидент – веднаш да ја контактирате полицијата.
Во случаи на вербални напади и провокации, останете смирени и тивки и брзо упатете се кон место каде што има повеќе луѓе. Во случаи на вербални напади во такси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Побарајте да слезете на првото погодно место и напуштете го возилото во молк. Веднаш потоа пријатевете го возачот во такси компанијата, а инцидентот до надлежните институции. Во случај на напад или закани во автобуси, останете смирени и не влегувајте во дискусија. Излезете без збор на следната станица и пријавете во надлежни институции. Во случај на физички напад гласно барајте ПОМОШ!. Штом сте на безбедно веднаш пријавете.
Свесни сме дека ЛГБТИ заедницата ретко пријавува случаи на насилство и прекршување на права до институции и затоа ви излегуваме во пресрет. Случаите на напади, закани, агресии и вознемирување можете да го пријавите во Хелсиншкиот комитет за човекови права на следните телефони: Од 09:00 до 15:00 часот 02/3119073, од 15:00 натаму 078/734217, се додава во соопштението.
Со големо жалење и за првпат бараме од лицата од ЛГБТИ заедницата и поддржувачите да бидат помалку видливи и тивки во текот на денот на протестот што го организира МПЦ-ОА. Нашата грижа кон заедницата овојпат нѐ приморува на тоа, апелираат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.Во соопштението, тие порачаа дека ќе бидат гласни и посветени во борбата за еднаквост и демократија, но, како што велат „најважно ее да останеме живи и здрави за да можеме да продолжиме да ја остваруваме нашата визија за Македонија“, како земја на еднакви права и можности за сите граѓанки и граѓани.