Тензиите на северот на Косово, каде живее мнозинско српско население, се зголемија на крајот на мај кога косовските власти овозможија во општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да влезат гградоначалниците Албанци, избрани откако Србите ги бојкотираа априлските избори.
РСЕ наведува дека Косово и Србија меѓусебно се обвинуваат за подигање на тензиите, додека, како што вели, меѓународната заедница ја префрлила одговорноста главно на Косово и бара да се распишат нови избори, да се повлече полицијата од општинските згради, а градоначалниците Албанци во меѓувреме да работат на алтернативни локации. Од Србија се бара да обезбеди безусловно учество на Србите на евентуалните избори во општините на север.
Американските сенатори го повикуваат претседателот Бајден „да изврши дипломатски притисок за да се стави крај на сегашната криза“.Тие исто така предупредија на преиспитување на поддршката од Конгресот, доколку Косово и Србија „не се воздржат“ и ако не работат на деескалација.
Сенаторите побараа од администрацијата на Бајден да поднесе извештај до американскиот Сенат за актуелната безбедносна ситуација во северно Косово.„Ние сме особено загрижени за безбедноста и добробитот на речиси 600 американски војници кои служат во КФОР. Ги цениме дипломатските напори на САД за смирување на кризата, но тие напори не беа возвратени, особено од Косово“, се заклучува во писмото.
РСЕ потсетува дека меѓународната заедница презеде неколку казнени мерки против Косово поради игнорирање на барањата за смирување на тензиите. Еден од нив е исклучувањето од големата воена вежба предводена од САД, додека во меѓувреме ЕУ најави нови мерки против Косово оваа недела.