Демократијата не е само внатрепартиски избори. Демократијата не е само директи избори за избор на Претседател на огранок. Вистинска демократија ќе беше доколку не се дозволеше на индивидуи кои на сомнителен начин го стекнале богатството да станат претседатели на ограноци. Демократија во вистинска смисла на зборот ќе беше доколку се побараше оставка од Рамиз Мерко наместо да се замајува јавноста со термини од типот ‘ја замрзнува партиската функција’ и други слични термини со потекло од Антарктикот. Една партија која што ги разбира и ги чува демократските вредности не ја оспорува одлуката на Стејт департментот, туку веднаш делува.
Чудна е изјавата на Али Ахмети каде што бара органите на прогонот да ги истражат функционерите на ДУИ. Колку што јас се сеќавам шеф на Јавното обвинителство се бира во Собрание што значи ако не бакнеш рака на политичари ти не можеш да ја добиеш функцијата. А во последниве години има и нов услов…. Мора да имаш и слика со лидерот ако сакаш да си шеф во ОЈО а богами и ако сакаш да станеш обвинител или па судија. Во какво дереџе ни е правосудниот систем не треба ни да се коментира. Но замислете како би изгледало оваа држава доколку би функционирало се како што треба? Крадеш од јавните пари, идеш у затвор. Буџетот не се краде, се подобрува животот на секој граѓанин а не само животот на политичарите и нивните семејства.
Не можеш да докажеш потекло на имот? Ти се конфискува! Па да видиме дали твојот наследник смее да краде. Бараш пари за да вработиш некого? Во затвор! Наместо партијата да решава кој ќе стане лекар, полицаец, судија, обвинител, професор, ќе решава знаењето и професионалната подготвеност. Спремен лекар никогаш нема да ја напушти земјата затоа што знае дека во оваа хумана професија не е се во парите. Спремен полицаец никогаш нема да мисли два пати за да те одбрани затоа што он е спремен и да загине за да го одбрани твоето право уште од седмо одделение кога се решил да стане полицаец.
Судија ќе дели правда затоа што не сака да стане и он жртва на неправдата и не сака невини луѓе да види во затвор. Професор ќе оценува правилно затоа што кога би функционирал правосудниот систем тој знае дека ќе одговара за било каква неправилност. Но да се вратиме во реалноста… Барањето на Ахмети за да се истражат функционерите на ДУИ не може да се сфати сериозно знаејќи каков систем имаме, ако воопшто има систем.