На повеќе од 40 илјади домаќинства што се греат на пелети им се заканува нов ценовен шок, откако Владата на последната седница реши да ја зголеми даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластената стапка од 5 на редовната стапка од 18 проценти.
Министерството за економија во повиците до граѓаните да се загреваат на пелети нудеше субвенции, а министерот за економија Крешник Бектеши за прв пат по ова прашање коментираше во јавност и рече дека данокот од 5 отсто било само времена мерка.
– Имаме Закон за трговија. Имаме Закон што ги утврдува овие работи. Мерките кога ги носевме, тоа беа времени мерки кои се однесувале за справување со одредени кризи, почнувајќи од пандемијата, енергетската криза, па ценовната криза… во одредени моменти кога имаше дисбалансирање на пазарот за одредени производи, вклучувајќи ги и пелетите, а ние не сме големи производители на пелети во државата. Главно сме увозно зависни и затоа секој ден, во секој момент, ако се забележи злоупотреба на цените за одредени производи – во овој случај на пелетите – или пак, неодржливост за граѓаните што користат пелети, тогаш Министерството за економија на првата владина седница може да ја укине целосно, како што тоа било направено и претходно преку т.н. автономни мерки, рече Бектеши на едно од прашањата во интервјуто за Гласот на Америка.
Своевремено Министерството за економија повикуваше да се инвестицира во печки на пелети, а потоа владата донесе мерка со која се зголемува данокот. Според Бектеши, самите овие инвестиции им ги намалуваат долгорочно трошоците на граѓаните.
– Многу едноставно. Логиката е во енергетска ефикасност и во заштеда на електрична енергија, имајќи предвид дека цел свет се справува со енергетската криза. Вградувањето на пелетите и котелите со пелети – инвестирањето во енергетски ефикасни технологии значи заштеда на електрична енергија, помалку трошоци за граѓаните, особено за тие кои имаат повеќе потреба, додава тој.