Новиот лек е поздравен како „пресвртница во борбата против Алцхајмеровата болест“, откако беше утврдено дека го забавува напредувањето на болеста, објавија во понеделникот светските медиуми.
Утврдено е дека донанемаб го забавува „клиничкото опаѓање“ до 35 отсто, што значи дека луѓето со оваа болест сè уште можат да извршуваат секојдневни активности, вклучително и купување, одржување на домаќинството, управување со финансиите и земање лекови.
Истражувањето за Алцхајмер Велика Британија соопшти дека „влегуваме во нова ера во која Алцхајмеровата болест може да стане излечива“.
Здружението за Алцхајмеровата болест истакнало дека лековите како донанемаб може еден ден да ја донесат Алцхајмеровата болест на исто ниво со другите хронични болести како астма или дијабетес.
Регулаторот за здравствена потрошувачка во Англија веќе проценува дали лекот може да се користи во склоп на британскиот јавно здравствен систем.
Донанемаб е произведен од „Ели Лили и компани“, а истражувачите поделиле 1.800 учесници во две еднакви групи.
Првата примала месечна инфузија на донанемаб, а втората плацебо во текот на 18 месеци.
Утврдено е дека третманот со донанемаб го намалил амилоидниот плак во просек за 84 отсто по 18 месеци, во споредба со намалувањето од 1 отсто за учесниците кои примале плацебо.
Во студијата, објавена во списанието на Американското медицинско здружение, која претходно е презентирана на Меѓународната конференција на Здружението за Алцхајмерова болест во Амстердам, се наведува дека по 76 недели лекување, донанемаб успеал да го забави опаѓањето на способностите за 35,1 отсто кај луѓето со рана Алцхајмерова болест чии скенирања на мозокот покажале ниски или средни нивоа на протеинот тау.
Кај испитаниците со различни нивоа на овој протеин, дошло до забавување на прогресијата на болеста за 22,3 отсто.
Кај околу 47 отсто од луѓето кои го земале лекот, а кои имале рана фаза на болеста и ниски или средни нивоа на тау, немало прогресија на болеста една година.
Мајк Коли (80) е еден од неколкуте десетици пациенти од Велика Британија кои учествувале во глобалното испитување. Тој прима инфузија секој месец на клиника во Лондон и се опишува себеси како „еден од најсреќните луѓе што некогаш ќе ги запознаете“.
Донанемаб, кој го произведува „Ели Лили“, делува на ист начин како и леканемаб, кој го развија „Еисаи“ и „Биоген“, а исто така се покажа дека го забавува когнитивниот пад, но двата лека имаат несакани ефекти.
Во текот на клиничките испитувања на донанемаб, оток на мозокот бил пријавен кај третина од пациентите. Во повеќето случаи, овој проблем бил решен без симптоми.