Од Владата велат дека Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го подготви работната група составена од експерти, еминентни професори од неколку универзитети во државата како и претставници на политички партии, и тоа со едногласна поддршка на содржината на текстот, по што точката е ставена на дневен ред на денешната владина седница на предлог на Министерството за правда.
Интервенциите се однесуваат на додавање делови од народи во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот, при набројувањето на деловите од народи во нашата држава. Односно, во формулацијата: „Граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“, после зборот бошњачки народ се става запирка и се додава: бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и еѓипќанскиот народ.
Согласно ова, направена е измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците за запазување на париретот на претставниците во Парламентот на сите вака утврдени заедници во Преамбулата на Уставот.
-Со предложените Уставни измени, се зајакнува мултиетничкиот карактер на Република Северна Македонија. Нашата држава е успешен пример за функционална, мултиетничка демократија во регионот и во Европа и пример за почитување граѓански и човекови права, поради што на земјата со право се гледа како на Европа во мало. Покажавме на регионот, на Европа и на светот дека соживотот на различните заедници во државава, векови низ историјата и денес и меѓусебното почитување на различните традиции и култури се богатство и предност, велат од Владата.
Оттаму додаваат дека промената на Уставот ќе овозможи одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ до декември 2023 година, отворање на поглавјата во преговорите, интензивирање на реформите и брзо членство во ЕУ.
-Владата повикува на разум и свесност за актуелниот моментум во којшто државата ја има можноста да избегне повторна многугодишна изолација и напротив, конечно да ги реализира европските перспективи, заклучуваат од Владата.