Фото: Министерство за надворешни работи
Постепената интеграција на земјите кандидати за членство во ЕУ не е алтернатива на нивното полноправно членство, но е најдобар начин да се одржи проширувањето на вистинскиот пат и да се постигнат брзи резултати, порачаа министрите за надворешни работи на Македонија и Австрија, Бујар Османи и Александар Шаленберг во заедничко интервју за „Еурактив”.
Османи во одговор на прашањето колку е реално 2030 година да се третира како таргет датум за проширување на Унијата, вели дека е целосно остварливо, а неговото исполнување ќе зависи од тоа што Македонија како кандидат и ЕУ ќе направат дотогаш.
Поставувањето на 2030 година како таргет датум за членство, може повторно да го заживее процесот на пристапување и да создаде позитивен реформски натпревар кон постигнување на целта за полноправно членство. Тоа е целосно остварливо, а неговото исполнување ќе зависи од тоа што ние како кандидати и ЕУ ќе направиме дотогаш, во однос на нашата подготвеност и институционалното и политичкото прилагодување. Ни треба ново ниво на доверливост и кредибилитет, рече Османи, додавајќи дека тоа претставува исклучително важен геополитички интерес.
На истото прашање, Шаленберг порача дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија, а секоја земја треба да одлучи колку брзо ќе продолжи напред на патот на интеграцијата во ЕУ.
Проширувањето е процес заснован на заслуги што значи дека секоја земја треба да одлучи колку брзо ќе продолжи напред на патот на интеграцијата во ЕУ. Ако Северна Македонија продолжи со својата актуелна реформска агенда, нејзиното пристапување во ЕУ е на дофат, подвлече Шаленберг.Шаленберг очекува од граѓаните на Северна Македонија да продолжат да се стремат кон европската иднина и во овој контекст, да успеат да ги изгласаат потребните уставни измени, како следен чекор кон Унијата.
Дозволете ми да ве уверам дека Австрија ја гледа Северна Македонија како силен иден партнер во ЕУ и ние ќе продолжиме сесрдно да ја поддржуваме земјата на нејзиниот пат кон членство во ЕУ. Не само затоа што сме пријател на Западен Балкан, туку и затоа што тоа е геостратешка неопходност, порача Шаленберг.
Шефот на македонската дипломатија нагласи дека државата има целосна усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на ЕУ, како значајна потврда за нашето геостратешко позиционирање.
Би било важно проширувањето да се вклучи во следниот буџетски циклус на ЕУ. Основниот пакет може да вклучува барем присуство на секторски министерски состаноци без право на глас и учество на единствениот пазар на ЕУ. Овој модел би можел да зависи од одредени предуслови како што е целосното усогласување на кандидатите со ЗНБП на ЕУ за добивање место на масата во Советот за надворешни работи, заклучи Османи.