Изборната кампања во земјава предизвика интерес во грчката јавност, пред сè, поради дел од изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за Преспанскиот договор и за името на државава. Грчкиот весник „Катимерини“ посвети текст за еден сегмент од дуелот меѓу Мицкоски и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој пред една недела се случи на ТВ Канал 5
Очекуваме Северна Македонија да го одржи духот на договорот од Преспа, а јавниот дискурс да биде базиран на факти, соопштија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски јазик.
„Исто како што САД остануваат посветени на Преспанскиот договор, ние очекуваме Северна Македонија да го одржи овој дух и јавниот дискурс да остане базиран на факти и вкоренет во посветеноста на иднината на Северна Македонија во ЕУ“,одговорил портпарол на Стејт департментот на прашањето дали САД се загрижени за можно поткопување на договорот од Преспа.
Пред претстојните претседателски и парламентарни избори во државата, грчките медиуми пишуваат дека Атина одблизу ги следи политичките изјави поврзани со Преспанскиот договор и употребата на името Македонија во изборната кампања на некои кандидати.
Изборната кампања во земјава предизвика интерес во грчката јавност, пред сè, поради дел од изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за Преспанскиот договор и за името на државава. Грчкиот весник „Катимерини“ посвети текст за еден сегмент од дуелот меѓу Мицкоски и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој пред една недела се случи на ТВ Канал 5.
„Водачот на главната опозициска партија во Северна Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер земјата ќе ја нарекува единствено како ‘Македонија‘, без оглед на договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата“,
напиша „Катимерини“.
Според грчкиот весник, за време на телевизиската дебата Димитар Ковачевски, лидер на владејачкиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ), изрази загриженост за одбивањето на лидерот на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да го користи уставното име на земјата.
„Ковачевски рече дека ова одбивање може да предизвика проблеми со договорот од Преспа од 2018 година со кој, со поддршка на ООН, името на поранешната југословенска Република Македонија се смени во Северна Македонија“,пренесе грчкиот медиум.
Грчки „Катимерини“: Преспанскиот договор оспорен во предизборните дебати во Северна Македонија
Претседателот на САД, Џо Бајден, во 2021 година потпиша извршна наредба со која се предвиде замрзнување на имот и забрана за влез во САД на лица кои работат против Преспанскиот договор и Охридскиот рамковен договор, потсетува Гласот на Америка на македонски јазик.
„Оние што се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во дејствие кое ја попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка, или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Преспанскиот договор од 2018 година, Охридскиот рамковен договор од 2001 година“,
стои во извршната наредба на Бајден.Бајден најави санкции и за непочитување на Преспанскиот договор
Стејт департментот тогаш појасни дека извршната наредба не се однесува само на лица во државите на Западен Балкан кои го загрозуваат договорот од Преспа, туку и во други држави.
Ова дојде како одговор на прашање на Гласот на Америка на македонски, дали администрацијата на Бајден планира да ги прошири санкциите и во Грција, која е потписник на Преспанскиот договор.
„Извршната наредба 14033 дозволува санкции против оние што ја потценуваат стабилноста на Западниот Балкан, каде и да се наоѓаат, под услов да ги исполнуваат релевантните критериуми за таргетирање“.По извршната наредба на Бајден, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, во писмено соопштение, рече дека не учествувала во преговори и носење на Преспанскиот договор во Парламентот, како и дека тој е спротивен на македонските национални интереси.