Почитувани претставници на медиумите,Утринава, на 26 април 2024, претставници од 21 политичка партија кои учествуваат во Парламентарните избори 2024 ја потпишаа Декларацијата „Заложба за заедничка акција против нелегалната сеча и уништување на шумите во Република Северна Македонија“ со која ја изразија својата посветеност на овој клучен проблем. Оваа декларација има за цел да ги обедини и поттикне политичките партии кон изградба на поширок општествен консензус.
Декларацијата е на иницијатива на Коалицијата на невладини организации за борба против нелегалната сеча и уништување на шумите во Република Северна Македонија предводена од Евротинк-Центар за европски стратегии. Останати членки на коалицијата се РЕФОРД – Регионалниот центар за шумарство и рурален развој, Фондацијата „ИДЕА Југоисточна Европа“ (Види Вака) и Македонската платформа против сиромаштија (МППС). Активноста е поддржана од страна на Националниот демократски институт (NDI) од Соединетите Американски Држави.
Настанот го водеа Димитар Николовски од Евротинк и Сашо Петровски од РЕФОРД, а во дискусијата се вклучија и присутните претставници од партиите.Декларацијата се стреми кон заштита на природата, зелена транзиција, владеење на правото, борба против корупција и организиран криминал. Во тој правец, таа се надоврзува на преземените заложби на државата содржани во Агендата 2030 и Целите за одржлив развој на Обединетите Нации, Декларацијата на лидерите од Глазгов за шуми и користење на земјиштето од 2021 година, Стратегијата за одржлив развој на шумарството во Република Северна Македонија од 2006 – 2026 година, како и Зелената агенда за Западниот Балкан на Европската унија од 2021 година. Со потпишувањето на Декларацијата, партиите се заложија преку заедничка соработка да вложат напори за:
- Поставување на заштитата на шумите високо на агендата на идните состави на Владата и Собранието;
- Засилена заедничка акција против корупцијата во институциите задолжени за заштита на шумите и животната средина, преку доследна примена и унапредување на релевантната законска регулатива;
- Спречување на еколошкиот криминал, преку кој се уништуваат шумите и од каде се остварува значителна противправна материјална корист;
- Поддршка за обезбедување на иновативни системи како еколошки одржливи алтернативи за греење на дрва кај населението, кои би го обесхрабриле нелегалното сечење на шумите;
- Преземање активности во насока на спречување на појавата на подметнување шумски пожари и подигнување на јавната свест од негативните ефекти од унишувањето на шумите;
- Заштита на ранливото население од изложеност, вклученост и злоупотреба во организираното уништување на шумите преку обезбедување на системски мерки за социо-економска поддршка.