Александар Сингер е роден на 22 февруари 1914 година во Сента, Војводина, Србија. Потекнува од средно имотно еврејско семејство. Основно училиште завршил во Сента, а гимназија во Суботица. Студирал на Медицинскиот факултет во Белград каде што и дипломирал во 1939 година. Потекнува од богата еврејска фамилија која дошла од Унгарија во Војводина.
На 27 години, како воен лекар, бил заробен од Германците во логорот „Дулак 206“ во Марибор. По два месеца го префрлиле во „Одделот 10 Б“ во Зандбостел, дваесетина километри северозападно од Хамбург, а потоа во Боркхорст, во близина на холандската граница, каде што останува до крајот на војната. Благодарение на лекарскиот позив го преживува холокаустот. Во логорот Сингер се запознал со Елизабета, девојка од логорот. Си ветиле дека ако останат живи, по војната, ќе се потрудат да се најдат и можеби да се венчаат. За жал, никогаш повеќе не се виделе.
Во 1946 година доктор Сингер побарал од Министерството за здравство на Хрватска да му одобрат да замине во Македонија каде имало потреба од лекарски кадар. Стигнува во Гевгелија, каде што почнува да живее со гевгеличани како негови сограѓани, пријатели и пациенти и го нарекуваат „Народен лекар“. Тој ја искоренил маларијата во Гевгелиско-Валандовскиот крај, втемелувач е на Медицинскиот центар во Гевгелија и основач на Интерното одделение. Епитетот „доајен“ го заслужил зашто ги поставил темелите на модерното здравство во Гевгелија. Се пензионирал во 1983 година.
Д-р Сингер не бил женет, но живеел со сите добри луѓе во Гевгелија. Негово семејство, односно негов втор дом во Гевгелија е семејството на трговецот Васил Јанев, каде што го поминал поголемиот дел од животот како потстанар.
Освен по лекарската пракса, гевгеличани ќе го паметат д-р Сингер и како активен шахист. Тој е основач на шаховскиот клуб во Гевгелија.
Многу солидно зборувал германски, француски, руски и унгарски јазик и имал најголема домашна библиотека од 5 000 книги. За своите залагања и заслуги, д-р Сингер има добиено повеќе одликувања и медали за заслуги за народот, пофалби и благодарници, но сепак најдрага му била Седмоноемвриската награда од Општина Гевгелија.
Д-р Александар Сингер починал на 83 години, на 2 април 1996 година во Гевгелија.
Голема благодарност до семејството Јаневи, особено до академскиот вајар Јордан Јанев – Дане, кој го чувствувал Сингер како свој втор татко и сите негови лични предмети, фотографии и документи ги сочувал по неговата смрт. Благодарение на неговиот колекционерски ангажман, организирана е изложбата „Д-р Александар Сингер – народен лекар“.
Благодарност и до новинарот Љупчо Алексовски за соработката и поддршката.
Куратор: м-р Жаклина Мучева
Техничка поддршка: Сашо Андоновски, Маја Наноу, Дарко Хелман
Дизајн: Розалинда Трајкоска
Лектор: Славица Ничота
Финансиски поддржано од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија