Собраниската седница синоќа продолжи и по полноќ, а гласањето се одржа околу 2:30 часот. Измените, кои во средата ги предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање влада Христијан Мицкоски, се носеа во скратена постапка. „За“ гласаа 88 пратеници, а „против“ беа 22.Станува збор за измени на Законот за организација и работа на органите на државна управа за што е потребно двотретинско мнозинство.
ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ заедно имаат 78 пратеници. За да ја има поддршка од дел од опозицијата, во текот на вчерашниот ден ВМРО-ДПМНЕ постигна договор со ДУИ со кој, како што беше објаснето, за возврат ќе се формира ад хок комисија во Собранието која ќе ја следи правичната застапеност во органите на државната самоуправа. На чело на ова тело ќе биде пратеник од опозицијата.
-Предлогот на мандатарот Мицкоски е пренесување на надлежност од една во друга институција и може да има логика за ефикасност. Цениме дека еден ваков упад треба да има сериозно разгледување, но ова ќе го оставиме на времето дали ќе биде постигната таква ефикасност.Секако како две сили кои имаат легитимност и коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ и Европскиот фронт денеска разговаравме со една цел вознемирувањата коишто ги имаме во делот на инспекторатот за албанскиот јазик и за други институции кои се дел од овој закон – рече координаторот на пратеничката група на Европскиот фронт, Блерим Беџети од ДУИ.