Името на професор доктор Андон Чибишев, долгогодишен професор на Медицинскиот факултет, поранешен пратеник и директор на Клиниката за токсикологија, е едно од оние за кои се шпекулира за функцијата медицински директор на Клиниката за токсикологија. „Слободен печат“ го праша доктор Чибишев дали добил таква официјална понуда, на што тој одговори негативно, но рече дека веќе почнал да прима честитки и прашања и од други новинари, бидејќи таквата шпекулација е распространета. Министерот за здравство Арбен Таравари не одговори на пораката од „Слободен печат“ дали ќе го назначи доктор Чибишев за директор на Клиниката за токсикологија.
Клиниката за токсикологија ќе мора да добие нов медицински директор во најскоро време, бидејќи економската директорка Бесија Иљази е разрешена, а без медицински директор болницата не би имала раководство. Министерот за здравство Арбен Таравари вчера најави дека во јавните здравствени установи каде ќе ги разреши економските директори, веднаш ќе постави нови медицински директори за работата непречено да продолжи. Професор доктор Андон Чибишев долги години работи на Клиниката за токсикологија.