Со зурли и тапани беше најавена манифестацијата „Галичка свадба“. Невестата Стефана Димитрова се појави на прес-конференцијата во носија стара околу 150 години од нејзината прабаба. Зетот Даријан Кочоски е пресреќен што годинава токму тој е галички зет, иако нема галичко потекло.

Стефана потекнува од с. Галичник од фамилиите Чаловски и Веновски и повеќепати била дел од оваа манифестација облечена во носија. Течат последните подготовки, а момчето и невестата се повеќе од подготвени.
– Многу сум среќна, имам изобилство на емоции во мене. Чест ми е што јас и Даријан ќе бидеме галички зет и невеста. Идејата беше моја да конкурираме, голема беше желбата да бидам галичка невеста бидејќи јас сум растена со оваа манифестација. Благодарна сум му на Даријан што прифати и не е важно тоа што желбата е моја, поважно е тоа што тој се согласи и со тоа уште еднаш ми покажа што е вистинска љубов и разбирање. Верувам дека правилно ќе ја пренесеме галичката традиција која ни е оставена во наследство од нашите предци – рече Димитрова.

Кочоски се впуштил во една интересна авантура за него, но со нетрпение го очекува викендов.
– Многу сме им благодарни на МЗ Галичник што нè одбраа нас и мислам дека го направија вистинскиот избор. Со задоволство прифатив да бидам галички зет. Важно е да ја чуваме македонската традиција – рече Даријан.
Тие имаат 26 години, а веќе десет години се во врска, се запознале како што велат „со помош на социјалните мрежи“. Стефана работи како фармацевт, а Даријан е службеник во МВР.

Невестата и на официјалната прес-конференција пред медиумите носеше носија од нејзината прабаба стара преку 120 години.
– Со гордост сакам да кажам дека по дестти пат ја облекувам носијата на мојата прабаба Докија Чаловска. И на венчавката ќе ја носам истава носија, но најверојатно ќе биде надополнета со нешто. И покрај тоа што се најавува дека температурите ќе бидат многу високи викендов, јас немам проблем да ја носам носијата, се издржува затоа што кога ќе чукнат тапаните последно е тоа да помислиш како ќе ја носиш носијата. Баба ми ми вели: Имаш снага и сила да ја носиш носијата, имаш енергија за да се износиш со сè. За мене ова не е нешто ново, го знам чувството – вели за „Слободен печат“ Димитрова.

Стефана од бебе го посетува Галичник, вели дека за неа тој ги крие најубавите спомени.
– Еве сега кога ме прашавте, ми дојде да се расплачам од емоции. Од бебе ме носеле моите во Галичник. Паметам, како дете одевме таму и седевме цело лето од јуни до септември. Имавме многу големо друштво, оттаму носам преубави спомени – рече таа.
Даријан првпат бил во Галичник кога ја запознал Стефана, оттогаш одат заедно многу често.

И за него галичката свадба не е непознат терен.
– Пред две години, кога братот на Стефана правеше свадба и јас облеков носија, интересно искуство ми беше и тогаш ги запознав адетите, така што и покрај тоа што имам малку возбуда, сепак немам страв, бидејќи ми е познато – вели Кочоски.

Викендов во Галичник ќе има посебен сообраќаен режим:
„Вие си имате момче за женење, ние си имаме момиче за мажење. Елате у нас, да ’и венчаме, да се ќердосает!“, под овој слоган ќе се одржи 61. издание на манифестацијата „Галичка свадба“. Од 12 до 14 јули Стефана и Даријан ќе бидат во центарот на вниманието.
Погледнете дел од атмосферата во продолжение: