Аптекарот од Клиниката за онкологија, Калтрин Уштеленца е неправосилно осуден на две години казна затвор за примање поткуп од сега починатата пациентка со рак на белите дробови Минка Веизовска. Дополнително, првостепениот суд пресуди дека тој 5 години нема да има право да извршува професионална дејност. Пресудата денеска ја изрече судијката Бранка Наумоска и ќе биде обжалена на Апелација од страна на адвокатката на Уштеленца во рок од 8 дена.
Судијката Наумоска при соопштувањето на пресудата рече дека како отежителни околности судот го ценел карактерот на кривичното дело, кое како што рече, се карактеризира со особена тежина, како и општествената опасност од овој вид кривични дела кои го нарушуваат начинот и функционирањето на државните институции кои пак се заштитен механизам на граѓаните. Исто така, Наумоска рече дека отежителна околност при донесувањето на пресудата било и тоа што овој вид кривични дела се повеќе зачестуваат.
-Отежнителна околност е и положбата која што обвинетиот ја имал со оглед на тоа што бил вработен како фармацевтски техничар во болничката аптека при јавната здравствена установа Клиника за радиотерапија и онкологија. Тоа е здравствена установа во која се лекуваат пациенти со најтешки болести што упатува на поголем ранг на свест кај обвинетиот да не сторува кривични дела од користољубие како во конкретниот случај, особено бидејќи е лице кое врши работи од јавен интерес. Посебниот мотив и намера кај обвинетиот со сторувањето на кривичното дело е воден од финансиски интерес, на брз и лесен начин да се стекне со материјална корист.
Судот ги имаше предвид и олеснителните околности, пред се тоа што Уштеленца е млада личност родена 1998 година, нема оформено семејство, моментално е суспендиран од раобтното место без приходи, го имаше предвид неговото коректно држење пред судот, околноста дека е неосудуван и не се водат постапки за други кривични дела, рече Наумоска.
Судот смета дека со изречената казна затвор и мерката за забрана за вршење професија, дејност или должност ќе се постигнат целите на казнувањето. Јавниот обвинител Ајбејан Ајдини побара мерките со кои на Уштеленца му се забранува да го напушта живеалиштето да бидат продолжени, на што судијката одговори дека мерките важат до правосилноста на пресудата.
Фармацевтскиот техничар од Клиниката за онкологија е неправосилно осуден за кривичното дело „примање поткуп“. Според пресудата, во периодот од септември и октомври 2022 година во просториите на државната Клиника за онкологија со умисла извршил две временски поврзани дејствија, па како лице кое вршело работи од јавен интерес директно побарал и примил подарок за себе за да изврши службено дејствие кое би морал да го изврши.
Тоа го сторил на начин што како вработен на позицијата фармацевтско-лабораториски техничар за да издаде имунотерапија „кејтруда“ на пациентката Минка Веизовска ѝ побарал 50 евра. Во тој момент Веизовска не му ги дала парите но му рекла дека следниот пат ќе му плати за двете имуно-терапии.
Потоа, на 21 октомври 2022 година кога дошло време таа да прима повторно терапија, тој ѝ ги побарал парите и таа му дала 100 евра кои Уштеленца ги примил од пациентката иако терапијата за неа следувала бесплатно односно била платена од парите на сите даночни обврзници преку Фондот за здравствено осигурување.
Веизовска почина пред 8 месеци.