Големиот српски хеликоптер рано утрово полета со пет тони вода кон пожарот во Радовиш и слободно можам да кажам дека пожарот во непосредна близина на Радовиш и селото Штурово веќе е ставен под контрола, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.Ангелов преку видео-обраќање соопшти дека утрово заедно со Главниот штаб за управување со кризи одржале брифинг со домашните и странските пилоти кои учествуваат во гаснењето на пожарите.
– На територијата на Општина Чашка кај селата Горно и Долно Јаболчиште дејствува еден црногорски хеликоптер и еден полициски хеликоптер. На територијата на Општина Росоман кај селото Сирково дејствува еден полициски хеликоптер и трите „ер-трактори“ на ДЗС. На нив во секој момент треба да се приклучи хрватски „канадер“, кој покажа одредени слабости и истите треба да бидат отстранети во секој момент. Кај Лисец ќе дејствува романскиот „Спартак“ кој ќе фрли пет тонски водни бомби – вели Ангелов.
Тој додаде дека дел од екипажот на леталата се чувствува преморено и поради строгите воздухопловни правила не можеле да полетаат утрово, а попладне ќе имаат на располагање дополнителни сили.Ангелов информираше дека на вчерашната седница одржана во Неготино, на која присуствувале и градоначалниците од зафатените региони со пожари, бил донесен заклучок за зголемување на бројот на припадниците на Армијата за помагање во справувањето со пожарите.
– Рано утрово претседателката потпиша указ со кој ни се доделуваат 300 припадници на Армијата како помош во справувањето со пожарите. И за плус 30 припадници е зголемен и бројот на полицајци. На располагање денеска имаме и 60 припадници на Единицата за брзо распоредување – рече тој.
Ангелов потенцираше дека во моментов има околу 15 активни пожари.