Познатата српска креаторка на содржини Милица Вуковиќ годинава го одбра Охрид како дестинација за летување. Освен што за своите следбеници направи список со места и културни знаменитости кои треба да се посетат во најпознатиот македонски туристички центар, таа сподели и интересно видео на кое објаснува што се’ може да се купи овде за само десет евра.
„За почеток може да се почастите мини крофни кои чинат 1,30 евра. Потоа може да купите печена или варена пченка за 1,60 евра. Со такси бротче може да пловите по Охридското езеро за 5 евра. Тука е уште и магнетот за фрижидер кој ме чинеше 1 евро и на крај шолја еспресо за 1,10 евра“, открива таа. Изворите на Црн Дрим кај Свети Наум според неа е локацијата која не смеете да ја пропуштите доколку доаѓате во Охрид.
„Охрид е навистина вистинска летна дестинација која има се’ што би ви понудил и некој град на море (плажа, одлична храна, забава, бројни активности на вода..)“, напиша Милица на „Инстаграм“.