Одлуката ја соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој истакна дека по пожарите во земјава во изминативе 13 дена се увидело дека таков систем не постои.
-Факт е дека и Центарот за управување со кризи и сите останати институции делуваат во рамки на оние капацитетите што сме ги наследиле, но факт е дека тоа е несоодветно и ненавремено согласно потребите. Ресурсите се тие, луѓето се тие, можностите се тие, но факт е дека наследивме систем кој е руиниран и мораме супштински да го реформираме, изјави Тошковски по состанокот.
Кризната состојба со пожарите на отворено кои зафатија делови од државата беше тема на седницата на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи.Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов по состанокот извести со колку пожари во моментов се борат пожарникарите и претставници на сите служби, како и за други прашања.
Со седницата раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, а присуствуваа членовите на Комитетот Владо Мисајловски – министер за одбрана и Арбен Таравари – министер за здравство, како и раководителот на Групата за процена на ризици и опасности – Стојанче Ангелов. На седницата присуствуваа и Цветан Трипуновски, министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, и Здравко Трајанов, директор на ЈП „Национални шуми“.На состанокот не присуствуваа министрите Александар Николовски и Тимчо Муцунски.