По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда против 30-годишен скопјанец кој призна вина дека од омраза претепал припадник на ЛГБТИК заедницата. Сега осудениот Ф.Г. ја призна вината онака како што беше наведено во поднесеното обвинение, односно се изјасни дека делото го сторил од омраза кон оштетениот заради неговата сексуална ориентација и припадност кон ЛГБТИК заедницата.
Грубото насилство го извршил на 31.08.2022 година, на плоштадот „Скендер-бег“ во Скопје за време на јавен собир на граѓани за солидарност и поддршка во врска со насилство врз 11-годишно девојче од Косово. Додека чекале собирот да почне, Ф.Г. му се приближил на оштетениот, почнал да го навредува, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со клоци и тупаници по главата и телото и нанесувајќи му телесни повреди.
Со насилството предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв и кај други лица присутни на местото – соопштија денеска од Јавното обвинителство. Основниот кривичен суд Скопје го прогласи Ф.Г. за виновен и му изрекол условна осуда, казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело три години по правосилноста на пресудата.