МАКТЕЛ

    

Медиумите и евроинтеграцијата: Компасот свртен на Запад, но и на Исток – Македонија сè повеќе „жртва“ отколку кандидат за ЕУ

      

„И Албанија ќе не претрка“, прогнозираше премиерот Христијан Мицкоски на 20 септември 2024 година по првата посета во Брисел и по првите состаноци со функционерите на Европската унија. Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски побрза да ја неутрализира темата тврдејќи дека, почнала преговори или не,  „Албанија никогаш нема да влезе во Унијата“. Прогнозата сепак стана реалност, а Мицкоски мораше да покаже доблест и да им честита на соседите за направениот чекор напред кон ЕУ.

Веста сепак покрена лавина од негативни реакции во јавноста и во медиумите во земјава, кои почнаа да прашуваат: каде сме ние и што прави новата влада да го запре константното назадување на Македонија, освен што се жали во Брисел? За спас на Владата од непријатните прашања дојде веднаш унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој освен што вети нова финансиска помош за Македонија, се понуди и да биде посредник во спорот со Бугарија, праќајќи порака дека Македонија не е оставена настрана, дека не е сама, дека тој ќе ја турка нашата евроинтеграција и, ако прифатат двете земји, ќе ни помогне да се реши спорот со Бугарија и да ги продолжиме преговорите со ЕУ. Најголемиот дел од медиумите ја пренесоа во насловите понудата на Орбан да посредува, но таа не преживеа ни 24 часа бидејќи Софија порача дека нема намера да преговара за нешто за што веќе има договор со земјава.

   

Изјавите на Мицкоски и на Николоски очигледно имаа за цел да ја пресретнат веста од Брисел за Албанија, но не ја постигнаа целта и, уште повеќе, ја покажаа конфузијата во државниот врв околу најважната стратегиска определба на државата, која наоѓа своја рефлексија и во медиумите. По периодот на силна проевропска реторика, во некоја мерка и претерана бидејќи не ја следеа реформи, влеговме во период кога во медиумите „компасот“ не се врти само на Запад туку и на Исток, отворајќи дилеми – се претвораме ли во „жртва“ наместо кандидат за членство во ЕУ , бараме ли решенија или бараме изговори, расте ли евроскептицизмот меѓу новинарите, верува ли некој сè уште во европскиот процес на Македонија и дали воопшто влегувањето на земјава во ЕУ живее како тема, или тоа веќе не се „купува“ од граѓанинот?

Анализата на медиумското покривање на евроинтеграцијата во текот на изминатата година (од септември 2023 година до септември годинава) генерално покажува дека темата доживеа неколку фази, но со генерален тренд да се „гребе по површината“, т.е. да се актуелизира само ако има настани или изјави на високи политичари поврзани со неа и ако може да се искористи во домашен политички контекст.

Видливо е исто така дека за проширувањето на ЕУ како процес повеќе пишуваат странските медиуми надвор од Македонија отколку домашните, иако сме земја кандидат за членство, а со процесот генерално повеќе и посуштински се занимаваат невладините организации, но интересот за тоа и кај нив бледнее поради намалениот интерес на медиумите. Сè помалку се новинарите кои се специјализираат за ова прашање, а уште поретки се програмите фокусирани на оваа тема (сега има само две ТВ емисии за евроинтеграцијата). Во европските кругови тоа сепак се третира како знак дека сега повеќе се следи процесот во длабочина, т.е. и другите аспекти од влегувањето во Унијата, во смисла на стандарди за владеење на правото, за демократија, за пазарни фер практики, за енергијата, за екологијата, за транспортот и слично, а не самиот процес на проширувањето, бидејќи сè е ЕУ. Од тој аспект, проценката е дека следењето на ЕУ индиректно е и поголемо отколку претходно, бидејќи за секоја тема или стандард се бара европски став или пример.

Уставните измени пред изборната кампања: Високо на агендата, заглавени во реализацијата

Тезата дека евроинтеграцијата не носи поддршка, но има моќ да ја бутне секоја влада во Македонија се покажа и на овие избори, на кои партиите се поделија на европски фронт и останати. Во периодот пред изборите, а особено од септември 2023 година до април годинава кога почна кампањата, уставните измени беа најексплоатираното прашање во медиумските наслови.

По неколкумесечната катарза околу „францускиот предлог“,  кој наиде на силно неприфаќање во јавноста и на исто такво третирање од поголемиот дел од медиумите со акцент на наводната закана од „бугаризација“ на евроинтеграцијата и отворање простор за нови бугарски барања и вета, уставните измени влегоа во Парламентот, иако шансите да се изгласаат изгледаа многу нереални. Тоа покрена лавина новинарски известувања кои се сведуваа на темите  – ќе има избори или ќе има уставни измени,  ќе се прифати или не „бугарскиот диктат“, кои се патриоти а кои се предавници…, кои ја ставија евроинтеграцијата во контекст на внатрешно-политичките случувања во земјата и ја искривија целта.

Уставните измени од готовс до остав“, „Уставните измени ќе ја кројат владејачката коалиција“, „Потребни ни се уставни измени, но не за правење телефонски именик“, „Поништувањето на договорот со Бугарија ќе ја запре евроинтеграцијата“, „Уставни измени пред влез во ЕУ се уцена“ – беа доминантните наслови во периодот пред кампањата и откако таа започна. Голем дел од известувањата беа поврзани и со формирањето на т.н. Европски фронт, а пред сè со дилемата  дали него ќе го предводи СДСМ или ќе остане сам, дали внатре ќе влезе ДУИ, а подоцна – дали ДУИ му ја презеде идејата за европскиот фронт на СДСМ и дали од европски го направи националистички, или според поблагите оценки – албански.

Главните медиумски известувања, сепак, беа фокусирани на политичките сили што доаѓаа и кои, како што се покажа на крајот, успешно ја злоупотребија темата на евроинтеграцијата за да победат на изборите, без да понудат јасни решенија како ќе ги исполнат условите за продолжување на преговорите со ЕУ.

Истражувањето на Институтот за комуникациски студии (ИКС) за мерење на штетните политички наративи даде најдобра слика за тоа како медиумите ги покриваа кампањата и изборите, вклучувајќи ја и евроинтеграцијата како една од најексплоатираните теми тогаш. Според истражувањето, информирањето на медиумите во голема мерка било еднострано, информациите и изјавите се пласирале селективно и пристрасно, со многу од наративите се поткопувала довербата во институциите и се поттикнувале меѓуетнички и други поделби во општеството.

Истражувањето исто така покажа дека медиумите главно биле неми пренесувачи на пораките во кампањата, дека ширеле популизам, па и страв и несигурност меѓу граѓаните, а наместо аргументи или анализи на состојбите, често ги демонизирале личностите. Според истражувањето, дури 38 отсто од учесниците во кампањата се преставувале реторички како „спасители на нацијата“, 33 отсто како ЕУ приврзаници, 22 отсто како бранители на идентитетот, а 18 отсто како бранители на правдата – што покажува каков бил односот на силите што беа за брзо преговарање на Македонија со ЕУ, а колку освоил предност слоганот „Македонија горда“, што ги обедини тие што во преговарачката рамка видоа „бугарски диктат“.

На тие две пароли всушност се водеше најмногу предизборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ, која беше оценета како идеолошка, етничка и необединувачка околу стратешката цел за евроинтеграција. Медиумите во голема мерка ја презедоа таа реторика во известувањата со самиот факт што акцентот беше ставен на изјавите, а не на предизборните ветувања или на анализите. Практично, медиумите беа претрупани со сервирана политичка содржина со малку присутен критички пристап на тоа што се зборуваше и ветуваше во кампањата, како што гледаме на пример изминатите месеци на изборите во САД, каде што сите изјави и тврдења поминуваат низ „fact  checking” (проверка на факти) од медиумите, дури и додека траат дебатите.

Што зборуваа ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН пред кампањата, што потоа?

Сепак, најважно е што зборуваше и што најавуваше ВМРО-ДПМНЕ, а покрај нив и ВЛЕН како можен иден коалиционен партнер, а што се случи првите стотина дена по изборите и формирањето на новата влада.
Во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ „Платформа #1198”, во поглавјето насловено како „Патриотизам  што обединува“ стоеше дека клучна цел на идната влада ќе биде Македонија да стане земја – членка на Европската унија. Зад таа кратка определба следеа еден куп изговори дали тоа ќе се случи на кои не им е место во политичка програма која треба да ветува, а не да прогнозира и бара алиби – од тоа дека во проширувањето има застој, дека регионот станал мета на странски влијанија и дека владее политичка неизвесност во Европа. Потоа, преговорите се условуваат со почитување на прашањето за јазикот, за националниот идентитет, со почитување на историјата и на македонската култура, со најава дека ќе вложат „максимални напори за реален видлив напредок и за членство на рамноправна и реципрочна основа“ и според мерливи и објективни критериуми.

Во тие рамки се најавуваше дека новата влада ќе понуди одложени уставни измени како алтернативно решение за почнување на преговорите, заедно со барањето гаранции за македонскиот идентитет и реципроцитет на правата и обврските со Бугарија. Практично, од фазата дека нема да има уставни измени под „бугарски диктат“, ВМРО-ДПМНЕ прејде во фазата на репреговарање со Бугарија и условено прифаќање на преговарачката рамка и условите на Европскиот совет, а медиумите тоа механички го пренесуваа, без да ја актуелизираат и анализираат промената во ставовите. Наместо тоа, тема беше може ли да се смени или не преговарачката рамка, па се даваа правни и политички толкувања. Претходно, реторички од тогашната опозиција овие условувања беа претставувани во кампањата како категорично „не“ на уставните измени.

Додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени“, „Уставните измени пред влез во ЕУ се уцена“, „Силјановска – Давкова: Ако со уставни измени се станувало член на ЕУ, ние досега ќе бевме таму“, „ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа условување со уставни измени“, „Уставни измени под бугарски диктат нема и нема да има (Николоски), „Мицкоски: Ковачевски и Пендаровски работат за интересите на Бугарија“ и слично, беа наслови што доминираа во известувањата во овој период. Очекувањата дека уставните измени како услов за продолжување на преговорите со ЕУ ќе се вратат како прва тема по изборите, односно дека од предизборна реторика ќе се прејде на политичка реалност, сепак не се остварија во првите сто дена на новата Влада.

Наместо тоа, за да се ублажи ехото од “бугарскиот диктат“ и цврстото „не“ за уставните измени, непосредно по изборите неочекувано се отвори темата за примената на Преспанскиот договор и уставното име на државата. Но, за разлика од третманот на спорните прашања со Бугарија, оваа тема наиде на критички и негативен третман, при што најчестата оценка беше дека на Македонија не и треба дополнително отворање на затворени прашања, како ова со Грција. Објаснувањата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова и на премиерот Христијан Мицкоски како ќе го применуваат Преспанскиот договор и кога ќе го применуваат уставното име на државата со недели беше главна вест за медиумите, кои ги пренесуваа ревносно реакциите од Атина и од Брисел.

Тоа покажа дека кај нив е изграден сензибилитет во однос на почитувањето на тоа што се потпишува надвор и во однос на билатералните прашања со Грција, сосема спротивно од пристапот кон прашањата и пораките што доаѓаа од Бугарија. Оваа епизода сепак покажа во колкава голема мерка медиумите кај нас ја следат рутински агендата на власта и на политичките партии и колку нивната работа е поврзана со дневно-политичките случувања, макар биле и свесни дека некои прашања и постапки служат само за одвлекување на вниманието на јавноста од други поважни и посуштински прашања, за билдање рејтинг или за создавање конфузија околу реалните теми во јавноста.

Откако се истроши оваа тема, фокусот се врати на вистинското прашање за евроинтеграцијата – уставните измени, но веќе не го следеше жестокоста со која од СДСМ се бараше да даде отчет за тоа што вети, а не исполни околу ЕУ преговорите. Уште повеќе, излегува дека за медиумите е тема само ако не успее евроинтеграцијата отколку како да успее, а отчет се бара само од тие што се обидуваат да ја туркаат европската агенда напред, додека изостануваат прашањата до кога ќе трае и колку ќе ја чини земјата пораката на новата влада дека ќе чекаат (Мицкоски: „Уставни измени со одложено дејство е едно од можните решенија, под услов да имаме јасна гаранција за членство во ЕУ“ и  Муцунски: „Подготвени сме да прифатиме уставни измени со одложна примена, така ќе имаме гаранции дека ќе нема нови условувања од Бугарија“).

Па така, технички се пренесуваат изјавите на високите функционери дека ќе преговараме со Бугарија тогаш кога ќе добие стабилна политичка влада (иако не успеа шестпати досега) и дека без одложена примена нема да има уставни измени, што значи дека нема да има ни продолжување на преговорите со Унијата, нема да има ни пари од Планот за раст, па ни потреба да се остваруваат реформите што ги бара Брисел.

Без реакција пројде и оценката на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски дека нема гаранции за успех околу обидите да се сменат преговарачката рамка и заклучоците за Македонија од ЕУ и дека е свесен дека се мали шансите да се убеди Бугарија да ја поддржи одложената примена на уставните измени, што практично значи – преговорите за нов договор да не успеат и да се дигне раце од евроинтеграцијата.

Како и ВМРО-ДПМНЕ, и ВЛЕН зборуваше едно пред изборите, а по нив зборуваше друго, при што таквиот пресврт само се констатира преку насловите во медиумите, без да се анализира подетално. Па така, во јуни 2024, лидерот на Алтернатива, Африм Гаши изјави дека не знае дали ветиле точен датум за уставни измени за да ги продолжиме преговорите со ЕУ, а потоа и дека „не се тука (во власта) за да излегуваат ( ако нема уставни измени) туку за да ги градат институциите“.  Уште повеќе, тој ги услови условните измени со добивање на гаранции од ЕУ, преземајќи ја реториката на ВМРО-ДПМНЕ.

Билал Касами од БЕСА пак, пред изборите тврдеше дека без уставни измени нема да има коалициона влада, односно дека тоа ќе биде услов за да влезат во владина коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а сега по изборите теши дека со нив (ВЛЕН) и со ВМРО-ДПМНЕ многу полесно ќе пројдат уставни измени отколку да беа на власта тие што ги туркаа, но не кажува кога.

Арбен Таравари беше најголем оптимист за уставни измени, изјавувајќи дека „верува дека до 2028 година може да сме дел од ЕУ“, а новиот министер за европски прашања Орхан Муртезани веќе ги промовира ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека „уставните измени со одложено дејство би биле гаранција дека ќе нема нови блокади, а притоа Преговарачката рамка нема да се менува“. Таравари исто така велеше дека „нема друга алтернатива за европскиот пат, освен уставни измени“ и им даваше 6 месеци рок, додека Гаши сега порачува дека „уставни измени ќе има кога ќе добиеме гаранции од ЕУ“ за македонскиот идентитет. Последното е дека ВЛЕН нема да инсистира на уставни измени по секоја цена и дека шест месеци биле рок за да се формира владата, а не за да се изгласаат измените на Уставот. Премиерот конечно ја затвори темата со следниот наслов: „Мицкоски не го прифаќа условот од Вреди – уставни измени за коалиција“.

Откако, по сè изгледа и тоа не беше доста за да се умртви темата за евроинтеграцијата, се случи посетата на претседателката Сиљановска – Давкова на Бугарија и скандалот со неистакнувањето на државното знаме, што беше повод за рафални и недипломатски напади од двете страни на границата, за протестна нота, за  барање оставки и за сличен политички фолклор што наголемо се проследуваше од медиумите во нашата држава. Во тој контекст беа и најавите за прекинување на изградбата на Коридорот 8 кои испровоцираа многу наслови, но само едно излегување на терен за да се извести за реалната состојба околу оваа делница, наспроти неколкуте аналитички текстови полни со факти од медиумите во Бугарија на оваа тема. Тоа паралелно читање на известувањата на македонските и на бугарските медиуми покажа колку некритички, површно и дневнополитички се следат главните теми од нашите медиуми и колку тоа ја замаглува реалната слика кај граѓаните, кои своите ставови ги профилираат според медиумските известувања и тврдењата на политичките партии.

Тука се поставува прашањето – можат ли вакви медиуми да ја турнат напред  ЕУ агендата на Македонија и дали воопшто го прават тоа, иако сите анкети покажуваат дека граѓаните и натаму во најголем процент бараат земјата да стане членка на ЕУ и тука ја гледаат иднината, колку и да се двоумат дали ќе се успее во тоа.

Евроскептицизам, заситеност или медиумска малодушност?

Паралелно со фактот дека политичките партии кои беа најголеми заговорници на евроинтеграцијата, освен ДУИ, не добија доверба на изборите и ја изгубија власта, ослабна и „гласот“  на таканаречените проевропски или про-либерални медиуми. Тие, поради глумењето наместо правењето реформи на претходната влада, особено околу владеењето на правото, како и поради политиката на ЕУ во однос на ветата кон Македонија, ги загубија аргументите пред јавноста за да ја туркаат темата.

Како резултат на таквата атмосфера, сè повеќе се пласираат информации со негативна конотација за ЕУ, во кои нашата држава се преставува како жртва, нашата евроинтеграција како „вечна“, процесот како „понижување“,  како “неправеден и непринципиелен“, а Брисел како лицемерен, со двојни стандарди и со нечесни намери кон Македонија. Дел од овие тонови се преземаат од српската анти-ЕУ пропаганда која е сè поприсутна кај нас, од медиумите финансирани од унгарски извори, но и од манипулациите на домашните политичари кои на ваков начин играат на картата на национализмот и вечната обесправеност на Македонија. Известувањата одат во прилог на тоа дека проширувањето на ЕУ е неизвесно, па до тоа дека сите нè претркаа поради непринципиелната политика на ЕУ, а не поради неисполнување на условите од страна на Македонија.

Се стекнува впечаток дека само нашата држава е условувана од Унијата, иако во преговарачката рамка за Србија има цело поглавје за Косово, тешки услови има и во таа за Албанија, а условен е и приемот на Украина – само на териториите што ќе ги владее во моментот, што значи евентуално без Донбас и Крим. Па така, се појавија наслови дека „И Босна не претрка“, дека „Почнувањето на преговорите со Украина отвора прашање за дискриминацијата на Западен Балкан“, дека ЕУ донесе „Зелено светло за Киев, а разочарување за Северна Македонија“ , дека „Поглавјата 34 и 35 исчезнаа од преговорите со Македонија“ (што значело дека нема да имаме еврокомесар, рамноправен статус како членка и македонски  јазик како официјален во ЕУ), дека „ЕТИАС побрзо ќе стапи во сила од визната либерализација“ (иако процесот се подготвува над пет години) и слично.

Многу од известувањата се однесуваа и на однесувањето на СДСМ кон преговорите со ЕУ како водење „попустлива и понижувачка надворешна политика“, што порталот „Лидер“ го оквалификува како „Бајката на Ковачевски“ во која „преговорите со ЕУ се мит, а корупцијата е закон“. Се експлоатираше наголемо „пиењето кафе на Орбан“ додека се носеше одлука за Украина, како доказ дека кога сака ЕУ може да спречи вето на земја – членка, иако Будимпешта директно не беше погодена од тоа. Поентата на овие медиумски наративи е дека политиката на ЕУ само предизвикува срам и понижувања за Македонија, дека земјата ќе биде вечен кандидат и  дека ќе остане во чекалницата на Унијата,  со еден поинспиративен наслов во кој стоеше: „Кој доби преговори со Унијата: Босна која е протекторат, Украина која е во војна и Молдавија која нема утврдена територија“, за да еден друг медиум заклучи дека „Украина и Молдавија влегуваат во преговори, а Македонија во агонија“.

Паралелно со таа медиумска малодушност и „калимеро – позиција“ се драматизираше и можноста од нови барања во процесот на преговори и се инсистираше на гаранции дека услови веќе нема да има, што нема никаква логика во однос на начинот на којшто се водат преговори со ЕУ. Ваквото известување создаде јавно мислење во земјата според кое ЕУ е таа која треба да ни дава гаранции, а не ние да исполнуваме услови, а тие политичари што ќе излезат и ќе ветат дека ќе работат на преговори, однапред да си се прогласат за губитници, бидејќи очекувањата од процесот станаа многу нереални.

Невладините организации анализираат, медиумите малку се интересираат

Дека бледнее темата за евроинтегрирањето во медиумите, сведочат и претставниците на невладините организации кои се фокусирани на процесот, чиј број пак исто така опаѓа и сега работат на попривлечни  аспекти од него – за да го одржат жив интересот. Андреја Стојковски од Преспа Институтот смета дека медиумите суштински не ја следат темата, дека „бркаат сензации, кликови и лајкови“, а темата за евроинтеграција не е веќе „жива“  бидејќи не им го носи тоа. Според него, многу малку се пишуваше за уставните измени по изборите и никој не ја отвора дилемата зошто треба да преговараме со Бугарија кога наш соговорник од другата страна е Унијата. Медиумите, смета тој, главно ја следат агендата на владејачката коалиција во известувањата, бидејќи нивните центри за информирање совршено ги навлекуваат на темите што ним им требаат.

„Сите ја следиме нивната приказна, се враќаме на  времето од пред неколку години“, оценува Стојковски за оваа анализа. Според него, темата евроинтеграција избледела во јавноста и во медиумите бидејќи, и во времето на СДСМ и сега, таа се сведува на гол наратив, т.е. гола реторика што не е проследена со реформи и со потребни одлуки. Дискурсот во јавноста изминатите месеци, оценува тој, бил околу фразата кој е за ЕУ, а кој не е, но во практика немало поместувања, што ја направи темата непривлечна за јавноста, а со тоа и за медиумите. Фактот дека нема нови моменти во процесот, тој го посочи како главна причина за малиот интерес на новинарите посуштински да  известуваат за процесот.

„Ако не понудиме нешто ново и не изнудиме нова преговарачка рамка или нови услови, ние се движиме кон оската на земји во кои се форсира здосаденоста и заситеноста од ЕУ, како Србија и Унгарија“, вели Стојковски. Според него, веќе има мрежа на евроскептични медиуми во државата, во кои може да се препознае и сериозен идеолошки наратив во известувањата.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика (ЕПИ), оценува дека медиумските известувања посветени на евроинтеграцијата во голема мерка се насочени кон формалниот процес, кон процедурите, кон значајните состаноци во ЕУ и извештаите, а мал е интересот за секторските политики на Унијата, што за неа е недостиг. Голем интерес за ЕУ лани забележала по објавувањето на извештајот за прогресот на Македонија во ноември (поради оценката за сериозно заостанување во реформите за владеење на правото), но тој интерес изостанал кога беше објавен извештајот за кластерот “Основи“, за кој јавноста дознала дури неколку денови подоцна преку социјалните медиуми, иако ги содржел препораките за клучните области од преговорите.

ЕПИ е една од малкуте преостанати невладини организации (покрај ИДСЦС, Европско движење, Паневропска унија, Преспа Институт, Евротинк…) која го следи критички и информативно процесот на евроинтеграција, редовно објавува извештаи за напредокот околу владеењето на правото и организира дебати за правците на нашата надворешна политика, но впечатокот на Кацарска е дека за вниманието во јавноста за оваа тема опаѓа.

Марко Трошановски од Институтот за демкратија „Социетас цивилис“ исто така оценува дека пред изборите и во текот на кампањата многу се известувало за „Францускиот предлог“, за договорот со Бугарија и за уставните измени, но темата за евроинтеграцијата по изборите исчезна од медиумите и на некој начин бледнееше во јавноста.  Причината за тоа, според него,  е најавата  дека ќе се репреговара за условите за преговори и дека се чека стабилна влада во Бугарија за да продолжи процесот на изнаоѓање решение. Но, и тој смета дека изминатите месеци, иако има специјализирани новинари за евроинтеграцијата, фокусот сепак бил на многу површно ниво, делумно поради изборите, а делумно и поради тоа што ништо ново не се случува на овој план, бидејќи државата стои во место во однос на ЕУ интеграцијата.

Впечатокот е, вели тој, дека нашето пристапување во ЕУ е застанато со завршувањето на скринингот и, во тоа лимбо, што е делумно оправдано, се намалил интересот на јавноста за оваа тема, поради што таа се третира на несуштинско ниво и само како предизборна и постизборна реторика за уставни реформи и слично. Тој не гледа евроскептицизам во известувањата или поделеност на про-ЕУ или анти-ЕУ извештаи, но забележува дека е зголемено влијанието на медиумите финансирани од унгарски извори и влијанието на „српскиот свет“, преку преземање на содржини од тамошните медиуми.

„На медиумите кои се наклонети повеќе на европската интеграција им е тешко да ја легитимираат, да ја оправдаат и да ја актуелизираат темата, сега кога сме заглавени во процесот и кога на граѓаните им е преку глава од условувањата и од горкото искуството“, оценува Трошановски.

Според него, сега јавното мислење на Балканот е главно во рамките дека „не нè сакаат во ЕУ“ и  „никогаш нема да влеземе во членство“, а таквиот пристап не е решение ако тоа е стратешка цел за земјата.  Сепак, тој посочи дека во последната анкета на ИДСЦС околу работата на Собранието во изминатата година, како клучни прашања што ги следеле, покрај  расправата за буџетот и игрите за среќа, граѓаните ги посочиле и расправите за евроинтеграцијата, што според него значи дека сè уште има сензибилитет за темата, иако можеби тоа се следи по инерција. Интересот да се известува за темата, според Трошановски, ќе зависи во иднина и од влијанието на оската Србија – Унгарија – Бугарија, но и тоа колку е реален новиот моментум за проширувањето, бидејќи негов впечаток е дека моментумот што се создаде по војната со Украина веќе исчезнува, така што сликата не е црно-бела и не зависи само од домашните случувања.

И Билјана Петковска од  Македонскиот институт за медиуми смета дека темата на евроинтеграцијата беше помалку присутна во медиумите во последниот период поради изборите и кај нас и во Европската унија, но дека доаѓањето на нов еврокомесар за проширување, на нова влада кај нас и нов амбасадор на ЕУ во Скопје ќе даде нов импулс. Според неа, откако актуелната владина коалиција ветуваше дека ќе работи на измена на условите, има малку информации што се прави конкретно на тој план, а известувањата на медиумите се сведуваат на тоа што ќе каже премиерот Мицкоски или некој друг од функционерите.

Иако, според нејзина оценка, во изборната кампања имаше некаков медиумски притисок околу уставните измени, досега тоа изостануваше, а јакне впечатокот дека како никој да не верува веќе во ЕУ перспективата на земјата. Медиумите сега во поголем дел, смета Петковска, го следат интересот на владата место тој на граѓаните, па смета дека треба да бидат проактивни, бидејќи владата не ја сака таа тема во фокусот. На крајот, вели таа, и енергијата што ја праќа Брисел во Македонија не е во прилог на поттикнување на ентузијазмот за евроинтеграцијата.

Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија вели дека оваа тема е актуелна на бранови и дека генерално се известува по одредени настани или изјави. Конзистентност во однос на тоа што исполнува државата како услов за ЕУ нема во извештаите, вели тој, а бројот на новинари што го следат ова прашање е сè помал, како и нивните престои во Брисел. Сумирано кажано, вели Секуловски, има мала група на новинари што следат надворешна политика и пишуваат за ЕУ, но медиумите немаат доволно кадар и известуваат за сè и сешто, така што недостига капацитет за поаналитичко и за покритичко известување. Генерално, и Секуловски забележува дека во голема мерка се следат агендите на партиите, а меѓу нив  „ретко кој е објективен“, што се рефлектира и во известувањата. Под влијание на нарушените интегративни процеси од ветата на соседите и под влијание на известувањето во регионот, се појавува и евроскептицизам во медиумите, но според него тој не е идеолошки заснован, туку повеќе е рефлекс на состојбите, па донекаде е оправдан и објективен, бидејќи и ЕУ потфрли политички во однос на Македонија.

Заклучоци и можни решенија

Од анализата произлегува дека проширувањето на ЕУ, а во тие рамки и евроинтеграцијата на нашата држава како тема, доживеаја некој вид „бродолом“ по изборите и свесно се туркаат како теми на маргините. Медиумите пред, за време и по изборите главно известуваа за аспекти што им ги наметнуваа политичките партии, без критички да ги анализираат нивните политики кон ова прашање, односно што зборуваа пред изборите, што ветуваа на изборите, а што испорачуваат сега, имајќи го во предвид пред сè интересот на граѓаните.

Темата евроинтеграција, ако се следи редот на настаните и тонот на насловите изминатите 12 месеци, беше употребувана и злоупотребувана за политички цели, како начин за паѓање и за доаѓање на власт, наместо за да се бара решение. Таа беше начин преку искористување на т.н. „бугарски диктат“ да се бараат избори и  да се урива рејтингот на претходната влада, преку реториката „за ЕУ“ и „против ЕУ“ да се поларизира гласачкото тело, а преку заканите дека нема да има уставни измени под бугарски услови да се рекомпонира актуелната владина коалиција.

За да сега, по изборите, категоричното „не “ за уставните измени се претвори во најава за прифаќање на тој услов, ако уставните измени се одложени до завршување на преговорите со ЕУ, преку репреговарање, но само со нова стабилна и политичка влада на Бугарија. Медиумите, според сите оценки, беа само пасивни пренесувачи на изјавите и ветувањата на политичките партии, а суштински анализи и критички пристап немаше за време на кампањата и нема ниту сега по изборите.

Мал беше и интересот за промените во ЕУ поврзани со европските избори, а со тоа и за шансите за евроинтегрирање (не е сеедно кој ќе ја води ЕУ и кои партии ќе доминираат во неа), но беа искористени одлуки на Брисел во овој период за да се шири чувството за онеправданост и за нефер услови кон Македонија. Покрај последните известувања за одвојувањето на пристапниот пат кон ЕУ на земјава и Албанија, тоа се однесува пред сè на известувањето по одлуката за почнување преговори со Украина што не беше критички објаснета во јавноста. Генерално за проширувањето на ЕУ повеќе и посуштински се пишува во странските медиуми отколку во домашните и со темата посуштински и подлабоко се занимаваат невладините организации отколку новинарите.

Со оглед на општата оценка дека е тешко да се врати довербата на јавноста во процесот, фокусот на медиумите и на невладините организации сега се става на одредени сектори во кои прифаќањето на ЕУ стандардите се смета како клучно во јавноста, како борбата со корупцијата, владеењето на правото, заштитата на животната средина и слично. Подиректно, најмногу европски фондови се насочени кон првите две теми, а фокусот се става и на обуката на новинари кои го следат процесот на евроинтеграција и на зголемување на професионалноста во медиумите, наместо на финансирање медиумски програми и емисии што се директно насочени кон евроинтеграцијата како тема.

ЗНМ  со поддршка на ЕУ веќе формира академија за медиумски работници, преку која ќе обезбеди тематски обуки ,но и електронски „алатки“ , т.е. ресурси кои ќе ја зголемат нивната професионалност и стручност во четири правци, меѓу кои еден е евроинтеграцијата.  Целта е оваа академија да прерасне во самостојна институција која ќе обучува идни новинари, бидејќи ниту најголемите медиуми во земјата немаат центри за обука на новите кадри. Идејата е оваа академија да проработи до крајот на годинава по примерот на тоа што го прават големите медиумски фондации од странство, како таа на Ројтерс и Томсон, и да преставува спој на  практична обука и онлајн курсеви.

Паралелно, со европски фондови работи и Евротинк, невладина организација која објави конкурс за ментори за обука на новинари за ЕУ прашања, која  ќе се одвива по вторпат преку настава во групи. Проект со европски пари спроведува и јавниот сервис МРТВ заедно со Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиумски услуги АВМУ, преку кој со обука спроведена од минатиот јуни од страна на германски експерти се настојува да се зајакне професионализмот на јавниот сервис.

Некои невладини организации во земјата во рамките на своите активности организираа студиски престои за новинари во институциите во Брисел, бидејќи поради ограничените ресурси медиумите не можат да го прават тоа самите и со тоа се оддалечуваат од изворите и темите во ЕУ институциите. Целта е да се обезбедат поголеми познавања за процесот, подобри контакти со ЕУ институциите, повеќе знаење за нивната работа  и попрофесионален пристап во известувањето.

Но, без да се смени односот на политичките фактори во земјата кон ЕУ процесот и без да се обединат политичките партии околу него наместо да го користат за политички пресметки, и без медиумите да го следат повеќе интересот на граѓаните наместо тој на политичарите, медиумските резултати ќе бидат исти како сега, а можеби и полоши. И, ќе бидат и натаму вклучени во трката за кликови наместо за теми и во натпревар со социјалните медиуми, кои станаа главни алатки за пропаганда.

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА, iM@

  

Најново

(ВИДЕО) Застрашувачки снимки од Мјанмар: луѓе заробени под урнатините очајно бараат помош

Sase Ivanovski

Путин потпиша декрет: Пролетна кампања за регрутирање – 160.000 млади луѓе мора да се приклучат на армијата

Sase Ivanovski

ФФМ за срамниот потег во Тетово: За вакви нелуѓе нема место во фудбалот!

Sase Ivanovski

Уапсениот во Велес за оддавање службена тајна е член на обезбедувањето на Мицкоски

Sase Ivanovski

Во прилепско село пронајдена граната од Прва светска војна

Sase Ivanovski

ФФМ отвора дисциплинска постапка против Шкендија поради недолично однесување на навивачите!

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Санкциониран возачот кој управуваше возило по тротоар на Бит Пазар и ја загрози безбедноста на пешаците

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ, Петрушевски: Ако ССМ не ги криел платите, тогаш на кој сајт или друго јавно достапно место се објавени?

Sase Ivanovski

Министерство за ватрешни работи: Стартува заедничката гранична контрола на заеднички граничен премин Долно Блаце-Елез Хан

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ го осудува говорот на омраза и непочитувањето изразено на фудбалскиот натпревар во Тетово

Sase Ivanovski

Министерство за внатрешни работи: Кривична пријава против полициски службеник за оддавање службена тајна

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: СДС е партија чиј премиер Ковачевски даваше земја за фотоволтаици на сопствената сопруга, и Заев кој даваше лиценци на брат му

Sase Ivanovski

Министерство за внатрешни работи: Претреси во Скопје, пронајдена дрога, одреден притвор за три лица

Sase Ivanovski

Прекинат натпреварот Куманово-Чаир, автобусот заврши со националистички пораки

Sase Ivanovski

ТРАМП ГО НАРЕКУВА „ДЕН НА ОСЛОБОДУВАЊЕТО“, ЕУ ВЕЛИ – ГУБИТНИЦИ НА СИТЕ СТРАНИ Европската централна банка предвидува пад на БДП во еврозоната

Sase Ivanovski

НАФТОВОД ОД 113 КИЛОМЕТРИ ЌЕ ГИ СПОЈУВА СРБИЈА И УНГАРИЈА Проектот ќе ја засили енергетската безбедност на Белград

Sase Ivanovski

ТИРЗ СО СИЛЕН СКОК НА ИНТЕГРИТЕТОТ, СЕ НАЈДЕ НА 15 МЕСТО ОД ВКУПНО 50 ИНСТИТУЦИИ Препознаена е меѓу најдобрите институции во борбата против корупција

Sase Ivanovski

ЗАСЕГА НЕМА ИНФОРМАЦИЈА ДЕКА ВО МАКЕДОНИЈА СЕ ПРОДАДЕНИ НЕБЕЗБЕДНИ СУПИ Агенцијата за храна и ветеринарство будно ја следи состојбата со производите на „Маги“

Sase Ivanovski

Методија Анѓелкоски: Почит, протест или нешто трето

Sase Ivanovski

ХРВАТСКИОТ ПЕЈАЧ ТОМПСОН ГО СРУШИ СВЕТСКИОТ РЕКОРД Продадени се над 280.000 билети за неговиот концерт, за помалку од 24 часа

Sase Ivanovski

ПУТИН ОСТАНУВА ОТВОРЕН ЗА КАКОВ БИЛО КОНТАКТ СО ТРАМП Песков вели дека засега не е планиран разговор меѓу двајцата лидери

Sase Ivanovski

ММФ прогнозира смирување на војната во Украина

Sase Ivanovski

„БЛОКИРАЊЕТО НА ДРУГИТЕ САМО ЌЕ ГИ ПОПРЕЧИ ВАШИТЕ ПАТИШТА“: Кина сака преговори, но подготвена е да се бори

Sase Ivanovski

ЌЕ СЕ ДЕЛАТ НАТПРОСЕЧНИ ПЛАТИ? „Магна“ започнува со работа во Штип од следната недела

Sase Ivanovski

Од април вработените во основните и средни училишта со зголемена плата

Sase Ivanovski

НАФТАТА ПОСКАПУВА ТРЕТА НЕДЕЛА ПО РЕД – стравувања од тарифна војна вршат притисок врз „црното злато“

Sase Ivanovski

ВО СРЕДА СЛЕТУВА ПРВИОТ АВИОН ОД ПАРИЗ – Скопје наскоро ќе се поврзе и со Барселона и Лион

Sase Ivanovski

Подмолниот шпионски софтвер „Пегасус“ за малку не им бил инсталиран на двајца српски новинари на БИРН

Sase Ivanovski

ССМ: На 2 април јавна седница, на улица ќе кажеме дека платите на работниците мора да се зголемат

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Русите со дронови го нападнаа Харков: Погодени трговски центар, станбени згради и болница, има загинати и многу повредени

Sase Ivanovski

Жена нападнала жена во Струмица, во сообраќајна кавга

Sase Ivanovski

Возач од Македонска Каменица со комбе удрил во кола и сакал да избега

Sase Ivanovski

Се „крчка“ Анкетна комисија во Собранието – најверојатно ќе вклучи и други несреќи а не само најновата во кочански „Пулс“

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Скандал во Тетово: Навивачите на Шкендија во текот на минутата молк пееја песна за УЧК

Sase Ivanovski

Продолжен притворот за 10 осомничени за падот на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад

Sase Ivanovski

Скопјанец нашол граната на Водно и ја земал со себе

Sase Ivanovski

Погледнете како изгледале Гpyевски и бpaтyчедите во основно училиште

Sase Ivanovski

Денко Малески: Понижувачко повлекување или нуклеарна војна

Sase Ivanovski

Сијарто побара од Украина да не ги напаѓа руските енергетски капацитети

Sase Ivanovski

Европските берзи во пад, златото достигна нови височини

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Илиевски: Андоновски да каже дали тендерот тежок 600.000 денари завршил кај родителите на вработен во Министерството

Sase Ivanovski

Марин Ле Пен осудена на четири години затвор за проневера на европски пари, доби забрана за кандидирање на претседателските избори

Sase Ivanovski

Починат маж пронајден во автомобил во Радишани

Sase Ivanovski

Откриени дилери на марихуана и амфетамин: дрогата ја криеле во бункери во Бутел, обвинителството поведена истрага

Sase Ivanovski

Трамп: Зеленски сака да се извлече од договорот, но ќе има големи проблеми

Sase Ivanovski

Се нижат реакции по пресудата на Марин Ле Пен: Погубена е француската демократија!

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) НАВИВАЧИТЕ НА ШКЕНДИЈА ПОПУЛАРНИТЕ “БАЛИСТИ” ДОДЕКА ИМАШЕ МИНУТА МОЛК – НЕ САМО ШТО НАВИВАА, ТУКУ ИМАШЕ И СВИРЕЖИ

Sase Ivanovski

КЛИНИКА ЖАН МИТРЕВ: Подгответе се за бременоста со стручна поддршка од Центарот за мајка и бебе!

Sase Ivanovski

КЛИНИКА ЖАН МИТРЕВ: Наследен ризик за развој на рак? Генетскиот тест може да го открие!

Sase Ivanovski

КЛИНИКА ЖАН МИТРЕВ: Честит Рамазан Бајрам!

Sase Ivanovski

КЛИНИКА ЖАН МИТРЕВ: Изборот помеѓу дентални импланти и дентални мостови зависи од неколку фактори, како што се здравјето на твоите заби, желбата за долговечност на решението и секако, твоите лични потреби.

Sase Ivanovski

КЛИНИКА ЖАН МИТРЕВ: Ортодонтскиот третман не е само за тинејџери – сè повеќе возрасни се одлучуваат за исправување на забите и подобрување на нивниот изглед и здравје.

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) Министерство за внатрешни работи: Санкциониран возачот кој управуваше возило по тротоар на Бит Пазар и ја загрози безбедноста на пешаците

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: И по 10 месеци СДС не сфати зошто рејтингот им е непрепознатлив а Филипче неприфатен од народот

Sase Ivanovski

СДСМ: Четири дена молк од Владата за екоцидот на Крива Река

Sase Ivanovski

СДСМ: И по една година, Мицкоски уште сече ленти на инвестиции на СДСМ

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ, Петрушевски: Кашиковски од ССМ со плата од над 50.000 денари, Трендафилов и луѓето околу него со енормни примања

Sase Ivanovski

Министерство за внатрешни работи: Приведено лице од Кавадарци, возел пијан, не пропуштал пешаци, а имал и забрана за управување возило

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) СДСМ, Методија Илиевски: Дали има нов скандал во министерството на Андоновски – тендер добиле родители на негов вработен?

Sase Ivanovski

(ВИДЕО) ВМРО-ДПМНЕ, Петрушевски до синдикалецот Пешевски: Зошто не ги објавите вашите примања, што криете? Каде бевте кога СДС ги покачуваше даноците на храната?

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ, Јамалов: Дали и други деца од неподмитливите Левица си инкасирале партиски пари?

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ, Петкоска: За што и од каде му се земени на неподмитливиот Крмов 5,000 евра?

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ, Петрушевски: Парите од државниот буџет наместо кај партијата Левица, завршуваат кај неподмитливиот борец против системот Крмов

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ, Ангелова: Додека Левица постојано зборува за неподмитливост и чесност, Крмов им ја олеснил сметката за 5,000 евра

Sase Ivanovski

Изет Меџити честита Фитр Бајрам: Нашата заедничка работа ќе ги донесе своите плодови

Sase Ivanovski

Тамара пее за Кочани, а средствата од билетите ќе бидат наменети за семејствата на загинатите и повредените граѓани во трагедијата.

Sase Ivanovski

Американско оклопно возило исчезнато во Литванија извлечено од мочуриште, но судбината на 4 војници се уште е непозната

Sase Ivanovski

Виктор Орбан: „Јас сум Марин Ле Пен!“

Sase Ivanovski

Без вода дел од општина Аеродром

Sase Ivanovski

(ГАЛЕРИЈА) Герила акција против корупција во Скопје: Со 500 „митони“ (валута за мито) до четвртина помала крофна

Sase Ivanovski

Приведено лице од гостиварско, управувал возило со брзина од 173 км на час на место каде е дозволено 80 км на час

Sase Ivanovski

Димитриеска-Кочоска: Се унапредува процесот на јавни набавки, поголема транспарентност, ефикасност и конкурентност

Sase Ivanovski

Приведен бегалец од затвор, вратен е во КПУ Идризово

Sase Ivanovski

Филков: Владеењето на правото не смее да биде само декларативна заложба, туку реалност во секоја судница и институција

Sase Ivanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Триото Трендафилов, Деановски и Пешевски, заедно имаат месечни примања околу 5000 евра, или над 3 милиони денари годишно, немаат никаква претстава за тоа како живее работникот

Sase Ivanovski

ЛИЦЕМ СВЕТЦИ, СРЦЕМ ВОЛЦИ – Оние на власт, бивши и сегашни допуштаат изградба на хотел во Горица на сметка на светското наследство

Sase Ivanovski

Возел со 173 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово

Sase Ivanovski

ВИДЕО – СДСМ: Дали има нов скандал во министерството на Андоновски, тендер добиле родители на негов вработен?

Sase Ivanovski

Во градови низ Србија ќе се одржат протестни прошетки – „Кампањата на насилство мора да престане“

Sase Ivanovski

Марин Ле Пен прогласена за виновна!

Sase Ivanovski
Вчитувам....