Од следната година ќе продолжи изградбата на новите згради на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ – ДИФ), изјави синоќа министерката за образование и наука Весна Јаневска. При одбележувањето на Меѓународниот ден на студентите во културниот центар Лабораториум, Јаневска рече дека буџетот за студентски стандард во 2025 година ќе изнесува 30 милиони евра или 18 отсто повеќе од годинава. Најави повеќе можности за студентите и повеќе инвестиции во инфраструктурата.
Во меѓувреме, најголемиот и најброен факултет во државата, ФИНКИ, останува без свој сопствен објект, исто како и неговиот „иден сосед“ –ФФОСЗ. Најавата дека претходникот на Јаневска, Јетон Шаќири, оти изградбата на зградите на овие два факултета ќе продолжи годинава не се реализираше. Изградбата на двата објекта која започна во декември 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“, осум години подоцна, не е завршена. Двете згради кои беше предвидено да бидат во барокен стил, требаше да ги решат проблемите на факултетите кои со години опстојуваа(т) во лоши услови. Изведувач на градбата беше фирмата „Бетон-Штип“, но откако во јули 2019 отиде во стечај, изградбата прекина.
Поради недостатокот на училници, во моментов за задолжителните предмети на ФИНКИ се одржуваат физички предавања, додека најголемиот дел од изборните предмети студентите ги следат онлајн. Мета.мк активно пишува за овој предизвик на студентите и раководствата на двата факултета. Студентите и вработените на ФИНКИ пролетва организираа протести поради немањето зграда и побараа што поскоро да добијат простории соодветни за бројот на студентите и видот на струките кои ги изучуваат.
Универзитетското студентско собрание на УКИМ, пак, испрати официјално барање до владата да распише студентски конкурс за решение за фасадите на новите објекти на двата факултета. Во документот, студентите велат дека се незадоволни од моменталното решение, особено за фасадите на зградите чија изградба е во прекин со години. Бараат на конкурсот да може да се пријават студенти кои ќе создадат иновативен и одржлив дизајн соодветен за кампусот.