Мaкедонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, објави јавен повик до основните и средните училишта со кој ги повикуваат учениците од основни и средни училишта да учествуваат во меѓународниот натпревар – Европски квиз на парите.
„Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација за финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години. Европскиот квиз на парите се одвива во две фази, првата фаза се националните натпревари во секоја земја, а втората фаза е европското финале, во кое учествуваат победниците на националните натпревари. Во Македонија, националниот натпревар ќе се одржи за време на Глобалната недела на парите (од 17 до 23 март 2025 година), на македонски и на албански јазик, во два круга. Тимот од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале што ќе се одржи на 22 и 23 мај 2025 година во Брисел“, наведено е во соопштението од Банкарската федерација.
Секој тим се натпреварува на својот мајчин јазик. Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата што ќе освојат прво, второ и трето место. Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), која е едукативна платформа врз база на игра. Сите заинтересирани основни и средни училишта треба да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар најдоцна до 21 февруари на [email protected].