Најмалку 100 семејства не дочекале ни крај на школската година за да се иселат. Толку им се брзало да ја напуштат оваа убавина. 1„Инстант резултати нема“, вели премиерот Христијан Мицкоски по враќањето од Вашингтон каде што беше за време на инаугурацијата на Доналд Трамп за претседател на САД. Не сум сигурен дали сѐ ќе беше поинаку ако СДСМ не се фатеа само за прашањето дали премиерот навистина имал покана за инаугурацијата и дали се сликал со битни луѓе или со ојле-дојле по хотелски сали и коктели, или пак, ако уште пред да тргне за Вашингтон, од тимот на Мицкоски не пробаа да нѐ излажат дека е единствениот од Балканот кој е поканет на инаугурацијата на американскиот претседател. Ако може нека не ни ја потценуваат интелигенцијата и да не пробуваат да нѐ импресионираат со глупости. И едните и другите. Битно е да видиме дали ќе има резултати од тоа патување и какви ќе бидат, или целата епизода ќе биде само уште една пиар игранка.
Почнува нова ера. Со Трамп не се менуваат само САД. Се менува светот. Каква и да е таа промена, на добро или на лошо, апсолутно нема никаква штета од тоа што премиерот решил уште првиот ден на новата американска администрација да проба да ги искористи контактите со некои луѓе кои имаат некаква улога во тоа општество. Да дигне два прста – ало, и јас сум тука. Што сме ние? Зрнце во светската политичка сцена. Македонија не е Италија. А ни Христијан Мицкоски не е Џорџа Мелони, за да биде во Ротондата на Капитол наместо во ложа на спортска сала. Толку ни е силата. Но, додека јавноста се занимава дали премиерот во САД имал дипломатска офанзива или барал добар агол за селфи, да не заборавиме дека единствениот горлив проблем останува како да се внесат Бугарите во Уставот, а да се осигура дека ЕУ нема понатаму да нѐ зафркава и кочи. А ако не се смени Уставот, како да се смени преговарачката рамка и дали воопшто да се преговара со ЕУ. Ама, бидејќи премиерот вели дека „македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската унија“, тогаш нека олабави малку со популизмот на тема Грција. На сите маки што ги имаме дома и на сите пречки што ни ги постави ЕУ, не ни треба повторно да го отвораме единствениот решен проблем што го имаме со комшиите. 2Во паузата на дебатата дали Мицкоски имал ВИП влезница или обична карта во Вашингтон, се појавија и вестите дека во Куманово, во средните и во основните школи на почетокот на второто полугодие на настава ќе се појават 174 ученици помалку. Во Тетово 74 ученици се испишале. За другите градови уште не ја знаеме математиката. Луѓето веќе не си заминуваат само заради пари. Спокој бараат. И предвидливост. Најмалку 100 семејства само од овие два града не дочекале ни крај на школската година. Толку им се брзало да ја напуштат оваа убавина. Оваа прекрасна правна држава.
3Владата утврдила потреба дека треба да се купи нов државен авион. Добро. Утврдила потреба, нека си ја почнат постапката. Само, нека не нѐ замајуваат со објаснувања од типот дека претседателот Борис Трајковски загинал во авионска несреќа и други катастрофични детали. Работа на Владата е да обезбеди апсолутна транспарентност во постапката. И да воведе практика таа транспарентност да важи и по купувањето, за да се избегнат злоупотреби. За да, кога ќе прашаме кој се возел со тој авион и зошто се возел, ни каже без да бара милион причини зошто не ни кажува. Оти нели, за наше добро се возат во авион што ќе го купат со наши пари. Само тоа нѐ интересира и само тоа нека го обезбеди Владата. Нема потреба да нѐ плаши со некрофилски стравови. 4Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во говорот на традиционалниот новогодишен прием за странските амбасадори рече дека „ние од почетокот на руската воена операција застанавме на страната на Украина, мислиме дека е тоа не само заради единствената европска политика, туку принципиелно“. Руската агресија на Украина Путин си ја нарекува „специјална воена операција“. Македонија е петта земја донатор за Украина, според процентот на БДП на сите земји донатори. Даваме помош затоа што Украина е жртва на агресија. Ако сме застанале на страната на жртвата, тогаш зошто нашата врховна командантка руската агресија ја нарекува така како што ја нарекува Путин? Лапсус ли беше на претседателката? Или сака нешто ново да ни каже?