Американските олигарси веќе немаат причина да покажуваат лажно сочувство. За нив е важно зближувањето со Трамп. Престанаа да се преправаат дека се грижат. Трамп може да прави што сака, исто и тие. Пишува Љупчо Поповски. Можете на овие настани да гледате како сакате – со љубопитност, со зачуденост, како приклонување кон страната на силата, опортунизам на кој му нема граница. ЏП Морган Чејс е најголема банка во САД. Нејзината моќ некогаш изгледа толку голема што може да менува политики на политичарите. Но во одредени моменти и таа огромна моќ може да биде помала од онаа на државата. Извршниот директор на ЏП Морган Чејс, Џејми Дајмон, овие денови беше во Давос, на Светскиот економски форум. Од една страна да види што мислат оние што одлучуваат во светот за промената во Белата куќа, да застане во редот за поддршка на администрацијата на Доналд Трамп. Се разбира, како прв човек на банката тој мора да води сметка за акционерите и како тие да го зголемуваат богатството. Но понекогаш и тоа застанување во редот изгледа како да не е доволно. Ова е една од поинтересните приказни за односот меѓу бизнисот и бизнисот и бизнисот и политиката.
Џејми Дајмон во интервју за американската мрежа Си-Ен-Би-Си од Давос ја објаснуваше комплицираната врска што ја имал со Илон Маск пред тој да стане човек од клучна доверба на Трамп и кој со 250 милиони долари и неговата социјална мрежа Икс му помогна на поранешниот претседател да се врати во Белата куќа. „Човекот е нашиот Ајнштајн“, рече шефот на ЏП Морган. „Би сакал да бидам корисен за него и неговите компании колку што можеме“. И објасни како се смириле. „Илон и јас се прегрнавме“, изјави Дајмон. „Тој дојде на една од нашите конференции, тој и јас имавме убав, долг разговор. Расчистивме некои од нашите разлики“. Пофалбите и прекорот. Забелешките на Дајмон доаѓаат откако американскиот банкарски гигант кон крајот на минатата година се согласи да се откаже од тужбата поднесена против компанијата на Маск, „Тесла“ од 2021 година, барајќи отштета од 162,2 милиони долари плус надоместоци во спорот околу трансакциите со налозите за акции. Маск подоцна беше обвинет за измама со хартии од вредност од страна на Комисијата за хартии од вредност. „Тесла“ и Маск се согласија да платат по 20 милиони долари за да ја решат тужбата. Во интервјуто Џејми Дајмон ги пофали и најавените царини што сака да ги воведе Трамп. Тој рече дека тие би можеле да ги заштитат американските интереси и да ги вратат трговските партнери на маса за подобри зделки за САД.
„Тоа е малку инфлаторно, но е добро за националната безбедност. Националната безбедност може да преболи малку повеќе инфлација“, рече тој.
Но, дали ваквата поддршка е доволна за Трамп. Во четвртокот, еден ден по интервјуто на Дајмон, претседателот на САД имаше видео обраќање на форумот во Давос. По обраќањето на сесијата за прашања и одговори, Трамп ги обвини извршните директори на двете најголеми американски банки дека одбиваат да им служат на конзервативците. Двајцата директори се Брајан Мојнихан на Банка на Америка и истиот тој Џејми Дајмон од ЏП Морган. „Се надевам дека ќе почнете да ја отворате вашата банка за конзервативците, бидејќи многу конзервативци се жалат дека банките не им дозволуваат да работат со банката, а тоа го вклучува и местото наречено Банка на Америка“, рече Трамп. „Вие и Џејми и сите, се надевам дека ќе ги отворите вашите банки за конзервативците бидејќи тоа што го правите е погрешно“, рече Трамп. Мојнихан, кој беше меѓу неколкуте извршни директори избрани да му поставуваат прашања на претседателот за време на прашањата и одговорите, не одговори веднаш на обвинението. И двете банки негираат дека одбиваат услуга на конзервативците. „Ние опслужуваме повеќе од 70 милиони клиенти, ги поздравуваме конзервативците и немаме политички лакмус тест“, рече претставник на Банката на Америка. „Никогаш и никогаш не сме затвориле сметка од политички причини, точка“, рече портпаролката на ЏП Морган во изјавата. „Го следиме законот и упатствата од нашите регулатори и долго време кажуваме дека има проблеми со сегашната рамка што Вашингтон мора да ја реши“. Пофалбите, изгледа, се една работа. Но поддршката за моќта на политиката треба да биде беспоговорна. Јасно е, САД влегоа во еден прилично комплициран терен. Трамп во инаугуративниот говор реќе дека „почнува златното доба на Америка“. Тоа беше реминисценција до „оригиналното“ време на „златното доба“ од крајот на 19. век кога индустриските, банкарските и железничките барони командуваа со државата за време на полетот на индустријализацијата и големите технолошки откритија. Нивното богатство енормно се зголемуваше додека сиромашниот народ забрзано осиромашуваше уште повеќе. Сега енормно богатите не ги нарекуваат барони, туку олигарси и тие го претставуваат технолошкиот свет. Неколку дена пред да ја напушти функцијата претседателот Џо Бајден во обраќање до нацијата од белата куќа предупреди на опасностите од стекнување на власт на олигархијата. „Денес во Америка се формира олигархија на екстремно богатство, моќ и влијание што навистина ја загрозува целата наша демократија, нашите основни права и слобода“, рече тој. Бајден ги нападна компаниите за социјални медиуми како „Мета“, која неодамна објави дека ќе се ослободи од независните проверувачи на факти. „Социјалните медиуми се откажуваат од проверката на фактите. Вистината е задушена со лаги кажани за моќ и за профит“, рече Бајден. Во својата суштина тоа негово обраќање беше речиси исто од она на претседателот Двајт Ајзенхауер, кој славно предупреди за опасноста од „воено-индустриски комплекс“ во неговото проштално обраќање во 1961 година. Можеби некому му изгледаа претерани овие зборови на Бајден, но на 20 јануари тие најдоа своја потврда. Во ротондата на Конгресот на положувањето на заклетвата на Доналд Трамп во првите реови веднаш до семејството, беа тројцата најбогати луѓе на светот Илон Маск, Џеф Безос и Марк Закерберг. Тие тројца вредат речиси 1 билион долари. Елита на елитата.
Ниту еден обичен човек не можеше лично да ја гледа заклетвата на Трамп – дури ни републиканските гувернери, кои беа префрлени во посебна преполна просторија. Само елитата на елитата и најдобрите поддржувачи на Трамп. Со Маск, Закерберг и Безос седеше извршниот директор на „Гугл“, Сундар Пичаи. Извршниот директор на „Епл“, Тим Кук, беше таму. Најбогатите 0,1% од Американците – околу 131.000 домаќинства – поседуваат речиси 14 отсто од богатството на нацијата до минатата есен, или повеќе од 22 билиони долари во акции, обврзници, недвижен имот и други средства, според најновите податоци од Федерални резерви. Долната половина од населението на САД – или околу 65 милиони домаќинства – колективно поседуваат само 2,4 отсто од богатството на нацијата, или нешто помалку од 4 билиони долари. Новата работа во богатењето се стратосферските нивоа на богатство на неколку стотици милијардери во земјата. Сите освен двајца од првите 10 најбогати луѓе во светот се технолошки магнати. Како и многу зборови во политиката, олигархија потекнува од старогрчки и буквално значи дека малкумина командуваат. Пред неколку недели на ова место пишувавме што значи да си платонист, а што аристотелец. Филозофот Аристотел во својата книга „Политика“ напиша дека „демократијата е побезбедна и послободна од граѓански судири отколку олигархијата; зашто во олигархиите изникнуваат два вида судири, фракции помеѓу различни членови на олигархијата и исто така фракции помеѓу олигарсите и народот“. Терминот „олигарх“ во модерното време најмногу се поврзува со Русија. По распадот на Советскиот Сојуз во 1990-те, група бизнисмени ја искористија приватизацијата на државните индустрии за време на тогашниот руски претседател Борис Елцин за брзо да откупат огромни имоти. Тие станаа познати како „олигарси“ и до моментот кога Путин дојде на власт во 2000 година, тие собраа огромно богатство и моќ додека милиони обични Руси се бореа низ мачни економски времиња. Кога Путин ја презеде функцијата, тој се сретна со највисоките олигарси на состанок зад затворени врати во Кремљ и наводно понудил договор: Останете настрана од политиката и вашето богатство нема да биде допрено. Руските олигарси кои не завршија затворени или мртви, станаа уште побогати и во голема мера се под контрола на Путин. Се разбира, САД се далеку од олигархија во руски стил, со разновидна, силна економија и отпорни институции. Но и таму постои ризик. Кога Трамп го држеше својот инаугуративен говор Маск, Безос и Закерберг се насмевнуваа. Па се смееја. Па ги креваа палците. Тие го сакаа како никој друг претходно.
Американскиот магазин „Ролингстоун“ есенцијално ја опиша оваа промена на наклонетоста на најбогатите и нивното место во општеството. Ако, всушност, навистина мислеле и делувале поинаку. Не толку одамна, некои од ултра богатите и големи корпорации глумеа одвратност кон Трамп. Барем на зборови тие говореа за движењата за социјална правда и ветија дека ќе направат лажни напори да го намалат нивното влијание врз климата. Тоа сега е готово. Американските олигарси престанаа да се преправаат – има премногу пари што треба да се заработат и моќ што треба да се собере заедно. Владините истраги за нивните бизниси и регулаторната контрола ќе завршат. Сè што треба да направат е да се однесуваат – или слободно да признаат – дека го поддржуваат Трамп и неговата политика. Да платат, да покажат почит и од тоа ќе заработат. Лажната лутина на корпоративна Америка. Пред само неколку години, корпоративната Америка беше многу лута поради бунтот на 6 јануари, кога Трамп ги покрена своите поддржувачи и тие го нападнаа Капитолот на САД за да се обидат да го спречат Џо Бајден да стане претседател. „Мета“, матичната компанија на Фејсбук, рече дека е „згрозена од насилството на Капитол“, а Закерберг, нејзиниот извршен директор, на 7 јануари 2021 година изјави дека компанијата ќе го блокира Трамп да објавува постови откако нејзината платформа била искористена „за поттикнување насилни бунтови против демократски избрана влада“. Се чини дека загриженоста на Закерберг за здравјето на Америка стивна. На 7 јануари оваа година, тој објави дека Фејсбук ќе ја прекине својата програма за проверка на факти. Нето богатството на Маск се зголеми за десетици милијарди долари по победата на Трамп, а тој стана лидер на Одделот за владина ефикасност. Во своето инаугуративно обраќање, Трамп му понуди уште еден очигледен подарок на Маск, кога вети дека „ќе ја следи нашата очигледна судбина во ѕвездите, лансирајќи американски астронаути да ги населат ѕвездите и планетата Марс“. Маск се стреми да го колонизира Марс со неговата компанија „Спејс Икс“, која веќе е главен владин изведувач. Безос, основачот и претседател на „Амазон“, има свој вселенски бизнис, Blue Origin, а „Амазон“ обезбедува дигитален облак услуги на владата. Вториот најбогат човек на светот почна да се зближува со Трамп не многу пред изборите, кога тој ја повлече планираната поддршка на потпретседателката Камала Харис од страна на „Вашингтон пост“. Компанијата, која потроши 40 милиони долари за лиценцирање документарен филм и ограничена серија за првата дама Меланија Трамп, неодамна ги избриша своите јавни обврски за заштита на правата на црнците и ЛГБТК+ луѓето од својата веб-страница. Закерберг, третиот најбогат човек во светот, се сметаше за непријател на Трамп – особено затоа што ја финансираше изборната инфраструктура за време на изборите во 2020 година, по почетокот на пандемијата на Ковид-19. Трамп буквално му се закани дека ќе го затвори доживотно. По победата на Трамп, Закерберг одлета во клубот Мар-а-Лаго на Трамп за да се умилкува на врховниот командант што доаѓа. Америка допрва ќе гледа како технолошките олигарси можеби ќе владеат со нивното секојдневие, ако остане оваа „идилична слика“ од инаугурацијата. Но Американците уште сега не ја одобруваат улогата на Илон Маск во владата. Многу Американци се согласуваат дека федералната влада е оптоварена со неефикасност, корупција и непотребна бирократија, но тоа не значи дека амбициозниот милијардер Илон Маск е вистинската личност да се справи со тоа. Анкетата на Асошиетед прес-НОРЦ Центарот за истражување покажува дека само 30 отсто од возрасните во САД силно или донекаде го одобруваат Одделот за владина ефикасност што го предводи Маск. Седумдесет отсто мислат дека тоа не е добра работа. Според анкетата, само една третина од возрасните во САД имаат поволно мислење за Маск. Возрасните во САД генерално мислат дека е лоша работа ако претседателот се потпира на милијардери за совети за владината политика. Американските олигарси веќе немаат причина да се кријат или да покажуваат лажно сочувство. Она што е финансиски важно за нив е зближувањето со Трамп. Тие престанаа да се преправаат дека се грижат. Трамп може да прави што сака, а и тие можат, исто така.