Министерството за внатрешни работи информира дека е поднесена кривична пријава за неовластено поседување оружје против таткото на петнаесетгодишникот што управувал со автомобил во кој е пронајдено оружје. – На 23.01.2025 околу 19.10 часот во с.Волково, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје запреле и извршиле контрола во патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки. Притоа, било констатирано дека возилото го управувал малолетник од Скопје, а во возилото било пронајдени пет пиштоли, од кои два пневматски и три огнено оружје, шест рамки и 16 куршуми различен калибар. По извршени проверки било утврдено дека за еден од пиштолите неговиот татко Д.Н. поседувал дозвола, додека другите два пиштоли ги поседувал без дозвола, информираат од МВР.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерки на претпазливост за осомничениот татко – забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавува кај определено службено лице, одземање на патната исправа, одземање на возачката дозвола, но и забрана за неговиот малолетен син, други малолетни лица или други неовластени лица да имаат пристап во просторија или во домот каде што има огнено оружје.