Група студенти повеќе пати реагираа до редакцијата на Мета.мк, загрижени од неисплаќањето на стипендиите, но и од шпекулациите дека следната исплата ќе биде дури во февруари. До крајот на јануари ќе се реализира исплатата на ученичките и студентските стипендии, информираа од Министерството за образование и наука (МОН) за Мета.мк, откако до институцијата упативме прашања во однос на тоа дали овој месец студентите и средношколците ќе ги добијат јануарските стипендии.
Група студенти повеќе пати се обратија до редакцијата на Мета.мк, загрижени од неисплаќањето на стипендиите, но и од шпекулациите дека следната исплата ќе биде дури во февруари. Претходно, Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ), повикувајќи се на извори од МОН, соопшти дека студентските стипендии ќе бидат исплатени во февруари, а исплатата ќе била за три месеци. Ова го крена алармот кај студентите, кои за Мета.мк велат дека во таков случај стипендиите нема да им бидат исплаќани редовно и навремено, како што најави министерката за образование Весна Јаневска. Од МОН, сепак, смируваат дека стипендиите за учениците и студентите, и понатаму ќе бидат префрлани на месечна основа. „До крајот на месецот ќе се реализира исплатата на ученичките и студентските стипендии и секако, понатаму продолжува префрлањето на средствата редовно на месечна основа“, велат од МОН за Мета.мк. Извор: Новинска агенција МЕТА