Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова присуствуваше на одбележувањето на 80. годишнината од ослободувањето на германскиот нацистички концентрационен и логор за истребување Аушвиц-Биркенау, во предградието на полскиот град Освиенцим, близу Краков. Во изјава за медиумите, претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека присуството на одбележувањето во Аушвиц претставува можност за колективна епифанија и освестеност за тежината на стореното зло. Потсетувањето на холокаустот е клучно за никогаш да не се повтори.
„Не смее да има дете, млад човек, возрасен што не знае за холокаустот. Не смее да има, бидејќи меморијата понекогаш, ако не се негува или ако не се храни може и да ја снема, или може да се извитопери во нешто друго. Сè почнува со проблематизирање, најпрво на бројките, па на процесите и настаните и на крајот некој можеби ќе помисли дека може да се избрише злото. Не, ниту едно зло не треба да се избрише, ниту едно зло не смее да се заборави“, изјави Претседателката. Претседателката потсети и на трагичната судбина на македонските Евреи, кои завршиле во логорот Треблинка и повика да се воспостави традиција на организирани посети на логорот.
„Тие се дел од нашиот идентитет и треба да воспоставиме традиција на посета на Треблинка за да им оддадеме почит, за почитта да стане дел од нешто што ќе го практикуваме и ќе потсетуваме велејќи дека не само што не веруваме дека такво нешто ќе се случи, туку ќе покажеме дека додека сме живи и оние по нас никогаш, никој не смее да дозволи такво нешто да се случи. Комеморацијата во Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“ започна со поздравни обраќања и сведоштва на преживеаните, а во рамки на комеморативниот настан се обратија претседателот на Светскиот еврејски конгрес, Роналд Лаудер и директорот на Меморијалниот центар и музеј „Аушвиц-Биркенау“, Пјотер Цивински.
Со читање молитви и палење свеќи, присутните им оддадоа почит на жртвите на холокаустот пред вагонот од товарен воз, поставен пред главната капија на логорот Аушвиц II-Биркенау, како симбол на одбележувањето на годишнината. Во рамки на комеморацијата беше приредена пригодна музичка програма во која настапија истакнати музичари, композитори, пијанисти и диригенти од Германија, Полска и Чешка, со еврејско потекло. На комеморативниот настан, кој се одржа на Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на холокаустот, присуствуваа педесетина шефови на држави и Влади од целиот свет, високи владини претставници, претставници на меѓународни организации, како и преживеани лица од Аушвиц. Аушвиц денес претставува синоним на холокаустот, теророт, геноцидот и злосторствата од Втората светска војна. Германските нацисти во овој логор убиле околу 1,1 милион луѓе главно Евреи, но и Полјаци, Роми, советски воени затвореници и луѓе од други националности. Во 1945 година војниците на Црвената армија на Советскиот сојуз, од Аушвиц ослободиле околу седум и пол илјади преживеани лица.
Видео материјал: https://www.youtube.com/watch?v=180tHqgUW00