Данска во понеделникот соопшти дека ќе потроши 14,6 милијарди круни, односно околу 2 милијарди долари за зајакнување на своето воено присуство на Арктикот. Анкета на јавното мислење вчера покажа дека 85 отсто од граѓаните на Гренланд не сакаат нивниот арктички остров, полуавтономна данска територија, да стане дел од САД, објави данскиот весник Берлингске, а пренесе Ројтерс. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно месецов изјави дека Гренланд е од витално значење за безбедноста на САД и оти Данска треба да се откаже од контролата на стратешки важниот остров. Истражувањето покажало дека само 6 отсто од граѓаните на Гренланд се за да станат дел од САД, додека 9 отсто се неопределени.
Данска во понеделникот соопшти дека ќе потроши 14,6 милијарди круни, односно околу 2 милијарди долари за зајакнување на своето воено присуство на Арктикот. Гренланд, со копнена маса поголема од Мексико и население од 57.000 жители, доби широка самоуправна автономија во 2009 година, вклучувајќи го и правото да прогласи независност од Данска преку референдум. Премиерот на Гренланд, Муте Егеде, кој ги засили напорите за независност, во неколку изјави порача дека островот не е на продажба и дека неговиот народ ќе одлучи за својата иднина. Војската на САД има постојано присуство во вселенската база Питуфик во северозападниот дел на Гренланд, стратешка локација за нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, бидејќи најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува низ овој остров. Извор: Новинска агенција МЕТА