Русија и Украина ќе прогласат прекин на огнот на целата линија на фронтот на Велигден, кој оваа година се паѓа на 20 април. Истовремено, Украина мора да ги повлече трупите од регионот Курск, а потоа кон крајот на април треба да се одржи меѓународна мировна конференција за официјализирање на договорот меѓу Русија и Украина со посредство на САД, Кина, европските земји и земјите од Глобалниот Југ. После тоа, Украина и Русија ќе разменуваат затвореници по принципот „сите за сите“. Вака наводно изгледа планот што го подготви тимот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој најави крај на руско-украинската војна за сто дена, објави украинскиот портал Strana.ua, додавајќи дека гореспоменатиот нацрт „последниве денови активно се дискутирал во политичките и дипломатските кругови на Украина“. Овој план американските претсавници им го предале на европските дипломати, а од нив стигнал и до Украина, но не се открива како и на кој начин го добила редакцијата на украинскиот портла . Иако сè уште нема потврда дека документот е автентичен, редакцијата наведува дека некои точки од планот се совпаѓаат со изјавите на самиот Трамп и неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог.
Поништување на уредбата
Според достапните информации, американскиот мировен план вклучува телефонски разговор меѓу Трамп и Владимир Путин веќе овој месец или во февруари, по што ќе следи дискусија за понатамошни активности со Киев. Во следната фаза, Володимир Зеленски ќе мора да го откаже указот за забрана на преговори со Путин, по што во февруари или првата половина на март треба да се одржи средба меѓу Трамп и Зеленски со Путин. Се уште не е одлучено дали тие ќе бидат билатерални или трилатерални, но тогаш треба да се одобрат главните параметри на мировниот план. Додека траат преговорите и непријателствата, како што тврди Strana.ua, Доналд Трамп нема да го блокира испраќањето воена помош за Украина. Прогласувањето на мировната конференција за прекин на војната мора да биде готова до 9 мај, а од Украина се бара да не ја продолжува вонредната состојба во земјата и мобилизација по тој датум. Последна фаза беше наведено одржувањето на претседателските избори во Украина на крајот на август и парламентарните избори на крајот на октомври.
Што ќе се договорат Украинците и Русите?
Украина ќе мора да се откаже од членството во НАТО (и таа одлука мора да биде одобрена на самитот на Алијансата), но за возврат ќе стане членка на ЕУ до 2030 година. Во исто време, Европската унија ќе преземе одговорност за нејзината реконструкција. Исто така, Украина нема да ја намали бројноста и обемноста на својата армија, а САД ќе продолжат да ја поддржуваат модернизацијата на украинските вооружени сили. Покрај тоа, Украина ќе се откаже од воените и дипломатските обиди за враќање на окупираните територии, но нема да го признае рускиот суверенитет над нив, што претставува отстапка за Кремљ.
Посебно ќе се разгледува и потребата за европски мировен контингент по завршувањето на непријателствата, бидејќи тоа го бара Киев, но Москва е категорично против, па затоа треба да се земе со резерва Важна точка во договорот е одредбата според која на изборите ќе им биде дозволено да учествуваат на украинските политички партии кои „се залагаат за одбрана на рускиот јазик и за мирен соживот со Русија“. Исто така, мора да се прекинат сите дејствија против Украинската православна црква и рускиот јазик.
Истовремено, по склучувањето на мировниот договор, санкциите против Русија ќе бидат укинати, при што некои ограничувања ќе бидат веднаш укинати, а други во рок од три години, во зависност од почитувањето на договорот од страна на Русија. Ќе бидат укинати сите ограничувања за увоз на руски енергетски производи во Европската унија, но нивниот увоз би подлежи на посебна царина, а приходите од тоа ќе се користат за обнова на Украина.
Киев не го потврди планот
Треба да се напомене дека украинското раководство одби да го потврди постоењето на планот. Андриј Јермак, шефот на кабинетот на украинскиот претседател изјави дека „медиумите немаат никакви „мировни планови“ за 100 дена“ и дека Русија би можела да стои зад објавата Володимир Зеленски не ја коментираше објавата на планот, но добро информираниот The Wall Street Journal на 22 јануари објави дека Трамп му наредил на својот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, да ја заврши руско-украинската војна за 100 дена. „Но, склучувањето договор со Путин ќе биде многу потешко отколку што изгледаа предизборните ветувања на Трамп“, беше скептичниот заклучок на Вол Стрит Џурнал (The Wall Street Journal)