Се огласи обвинителството по објавата во некои медиуми во врска со претходни дела на 20-годишниот возач, осомничен за синоќешната сообраќајна несреќа на „Партизанска“ во Скопје, во која животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова од Неготино. Оттаму појаснуваат дека Обвинителството поднело обвинение со предлог за продолжување на мерката притвор, која по предлог на Обвинителството била определена од самиот почеток на постапката, и тоа за две кривични дела од член 215 од Кривичниот законик – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
„Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која на обвинетиот му изрече – заводска мерка упатување во воспитно -поправен дом Тетово, третирајќи го сторителот како помлад полнолетник. Во текот на целата постапка, токму по предлог на јавниот обвинител лицето беше во притвор, а при изрекување на пресудата Судот ја укина притворската мерка за обезбедување. Незадоволен од пресудата, имајќи го притоа предвид и претходното поведение на сторителот, јавниот обвинител вложи жалба и предметот е во жалбена постапка“ се вели во соопштението на обвинителството. Претходно од обвинителството беше објавено дека младиот возач возел без возачка дозвола, под дејство на алкохол и поминал на црвено светло.