Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска го поздрави ослободувањето на заложниците кои ги држеше палестинскиот Хамас во Појасот Газа и рече дека Израел нема да толерира никакво прекршување на договорот. Тој изјави дека тоа е постигнато пред се благодарение на „херојските борци“ на израелската армија, како и благодарение на „цврстиот и решителен став што го задржавме за време на преговорите“. Тој нагласи дека Израел нема да прифати никакво прекршување на договорот и се осврна на инцидентите што се случија при ослободувањето на израелските заложници, пишува „Џерусалим пост“.
„За време на ослободувањето на нашите заложници денеска бевме сведоци на шокантни настани. На посредниците јасно им ставивме до знаење дека нема да прифатиме никаков ризик за нашите заложници“, рече Нетанјаху.
Група израелски заложници, придружувани од Хамас и Исламски џихад, се појавија во Кан Јунис пред нивното ослободување, каде што беа набљудувани од илјадници луѓе собрани на планираното место за размена. Хамас во текот на денот ослободи тројца Израелци и пет Тајланѓани, пренесува Танјуг.