Премиерот на Србија во оставка, Милош Вучевиќ, вечерва изјави дека владејачката коалиција е сè поблиску до одлука за формирање нова влада, но дека не може да ја исклучи можноста за распишување избори, додавајќи дека конечната одлука за тоа ќе биде донесена за десетина дена. Вучевиќ изјави дека ќе биде закажана собраниска седница на која пратениците мора да ја констатираат неговата оставка, по што ќе започне рокот од 30 дена.
„Мислам дека сме поблиску до нова влада, но не можам да исклучам избори. Двете опции се на маса“, изјави Вучевиќ за Еуроњуз.
Вучевиќ нагласи дека не може да дава прогнози и оти ќе треба да почека десетина дена за да се види одлуката – дали ќе се формира нова влада или се зрели политичките услови за одржување на нови избори. Вучевиќ изјави дека неговата оставка не била со цел да предизвика избори и дека не се сите во СНС среќни што тој поднел оставка.
„Не сите мислат дека требаше да дадам оставка. Немаше аплауз во СНС“, рече тој, пренесе Танјуг.
Тој додаде дека сега врши редовна работа во рамките на својот мандат и дека се уште не се започнати дискусии внатре во партијата, но дека тоа ќе следи во наредниот период.