Македонските граѓани денеска повикуваат на бојкот на маркетите и конечно да им кажат „НЕ“ на енормните покачувања. Изминативе години, се спроведуваа разни мерки за запирање на инфлацијата, се замрзнуваа цените и маржите, а лани обидите продолжија крстени како кошнички за да се пазари поевтино. Од сето тоа ниту инфлацијата се намали, ниту цените се стабилизираа, а доказ е декемвриската инфалција која стигна до 4,4 отсто за една година
Во четвртокот, ден пред најавениот бојкот, во маркетите немаше зголемена продажба, освен во текот на редовната пауза, која службениците ја користат за пазарување. Додека муштериите ги задеваа дека в петок ќе одмораат, дел од раководителите на маркетите креваат рамена околу исходот од најавите за 31 јануари.
Но, како што велат за „Слободен печат“, не правеле зголемени нарачки во четвртокот за да удоволат на евентуалното зголемено пазарење за да се „премости“ бојкотот. Интересно е дека во некои од трговските синџири за денеска е објавено дека ќе се врши попис на стоката, но дека ќе работат во претпладневните часови. Досега немаше ваква иницијатива во нашата земја, иако според платите и цените во трговијата, досега граѓаните барем три пати, ќе требаше да го изразат своето мислење дури и на протест. Бојкотот на маркетите започна во Хрватска и се прошири низ другите земји. За денеска бојкот е најавен во Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Хрватите, нивниот протест за денеска го прошируваат и на банките и телекомуникациските компании.